П.еремиин 1 MKB

1 Како седи осамена престолнината, некогаш полна со народ; стана како вдовица, некогаш голема меѓу народите. Владетелката над покраините, сега поданичка.

2 Ноќите ги поминува плачејќи горко, со солзите ги покрива образите. Нема никого да ја утеши, од сите кои ја љубеа. Сите пријатели ја изневерија и и станаа непријатели.

3 Протеран е Јуда, во неволја е и на тешко заточение. Сега живее меѓу многубожците, не наоѓа починка. Сите гонители ја достигаат во теснините.

4 Сионските патишта тагуваат, зашто никој не доаѓа на прослави. Сите врати се разурнати, свештениците воздивнуваат, расплакани се неговите девици, а тој е полн со горчило.

5 Сега господарат неговите угнетувачи, непријателите ликуваат: Господ го ражалости заради неговите премногу гревови. Децата му отидоа на заточение пред угнетувачот.

6 Се повлече од Сионската Ќерка сета нејзина слава. Кнезовите и станаа како елени, кои не наоѓаат пасиште, немоќно одат тие пред гонителите.

7 Ерусалим си спомнува за деновите на бедата и скитањето, кога народот му падна во рацете на непријателот, а никој не му даде помош. Угнетувачите го гледаа смеејќи се на неговата пропаст.

8 Ерусалим згреши тешко, стана како женината нечистота. Сите што го почитуваа, сега го презираат: зашто ја видоа неговата голота. Тој само плаче и се свртува назад.

9 Скутовите му се извалкани, ни не сонуваше што го чека. Длабоко падна, а никој да го теши. „Погледај ја Господи, мојата неволја: зашто непријателот ликува.”

10 Непријателот посега со раката кон сите негови скапоцености. Гледаше како многубожците навлегуваат во неговото светилиште, оние на кои им го забрани и пристапот во Својот собир.

11 Сиот Негов народ воздивнува барајќи леб; сите даваат бесценети камења за храна, за да живнат повторно. Ете, Господи, погледај, зашто сум презрен!

12 Сите вие, кои поминувате по патот, погледајте и видете има ли болка каква што е болката со која сум погоден јас, со која Господ ме удри во денот на Својот жесток гнев!

13 Пушти оган од висината, го втера во моите коски. Пред ногата ми оптегна мрежа и така ме обори назад; ме растажи, ме ожалости за сите времиња.

14 Ме натовари со моите гревови, ги пристегна со Својата рака; ми ги навали врз вратот, ми ја одзеде силата. Господ ме предаде во нивните раце, не можам да се исправам.

15 Господ ги отфрли сите јунаци од мојата средина: го свика собранието против мене, за да ги уништи моите млади луѓе. Господ ме изгази во каца, девицата, Јудината ќерка.

16 Затоа треба да плачам, очите ми леат солзи, зашто е далеку од мене мојот утешител, за да ми го поврати духот. Моите синови се поразени, премногу силен беше непријателот.

17 Сион ја испружува раката, му нема утешител. Господ против Јакова повикува угнетувачи од сите страни; и така Ерусалим стана страшило меѓу нив.

18 Господ, Тој е праведен: зашто му се спротивставив на Неговиот збор. Ох, чујте сите народи, гледајте ја мојата болка: мои девици, мои млади луѓе, сите отидоа во прогонство!

19 Ги повикав сите свои пријатели, но тие ме измамија. Моите свештеници и старешините загинаа во градот барајќи храна, за да живнат повторно.

20 Погледај, Господи, во каква тешкотија сум, мојата утроба трепери, срцето ми се згрчува во градите, зашто јас упорно ти се противев! Надвор мечот ги покоси моите синови, а внатре смрт.

21 Чуј како стенкам: ми нема утешител! Сите непријатели чуја за мојата несреќа и ликуваат зашто го направи тоа! Дај да дојде денот што си го објавил, за да им биде ним како мене.

22 Сето нивно зло нека се покаже пред Твоето лице, а тогаш постапувај со нив како што си постапил со мене за сите мои гревови! Зашто само воздивнувам, а моето срце тагува.

поглавја

1 2 3 4 5