1 Како со мрак ја покри Господ во Својот гнев Сионската Ќерка. Од небо на земја ја фрли Израелевата слава ! И не си спомна за Своето подножје во денот на Својот гнев!
2 Господ ги сотре без милост сите Јаковови живеалишта, во Својот гнев ги разурна тврдините на Јудината ќерка; со земјата ги срамни и ги проколна царството и неговите кнезови.
3 Во Својот распламтен гнев ја скрши сета Израелева сила, ја повлече Својата десница пред непријателот; во Јакова раздува огнен пламен што изгорува сè наоколу.
4 Го оптегна лакот како непријател, ја испружи десницата како враг, убивајќи сè што беше мило за очите. Врз шаторот на Сионската ќерка го истури како оган Својот разјарен гнев.
5 Господ беше како непријател: го истреби Израел, ги разурна неговите дворци, ги сруши неговите тврдини, и ги намножи на Јудината ќерка воздивнувањата и ридањето.
6 Му ја разурна сеницата како на градина, му го разруши местото на состанокот. Господ ги фрли во заборав прославите и саботите на Сион; во Својот гнев ги презре царот и свештеникот.
7 Господ го отфрли Својот жртвеник, Му се згади Неговото Светилиште. Во рацете на непријателот ги предаде своите ѕидови и дворци. Бучеа во Господовиот Дом како на празничен ден.
8 Господ науми да ги разурне ѕидовите на Сионската Ќерка. Го оптегна јажето за мерење, не ја задржа раката од рушење. Предните ѕидови и ѕидовите, ги завитка во тага:
9 Нивната врата пропадна во земјата, тој им ги скрши бравите; царот и кнезовите се меѓу народите, нема Закон! Ни кај пророците веќе не се наоѓаат Господовите виденија.
10 Старешините на Сионската Ќерка седат на земја и молчат, ја посипуваат главата со прав, препашуваат вреќишта. Кон земјата ги наведнуваат главите Ерусалимските Ќерки.
11 Ми истекоа очите од солзи, мојата утроба се растрепери, црниот дроб ми се истури на земја заради сломот на ќерката на мојот народ, зашто децата и доенчињата умираат по раскрсниците на градот.
12 Им зборуваат на своите мајки: „Каде се лебот и виното?” Додека умираат како ранети по раскрсниците на градот, додека ја испуштаат својата душа на градите на своите мајки.
13 Со што да те споредам? На кого личиш, Ерусалимска Ќерко? Со кого да те споредам, како да те утешам, девице, Сионска Ќерко? Зашто твојата несреќа е неизмерлива како морето. Кој ќе те исцели?
14 Виденијата на твоите пророци беа измама и лага, тие не го открија твоето беззаконие за да те одвратат од заточението, те измамуваат со привиди, лажни и измамливи.
15 Над тебе плескаат со рацете сите, кои поминуваат по патот, свират со устата и вртат со главата заради ерусалимската ќерка: „Дали е тоа градот прочуен по убавина, радост за сиот свет?”
16 Против тебе ја отворуваат устата сите твои непријатели, свиркаат, чкртаат со забите и велат: „Ја изедовме! Тоа е ден по кој копнееме, го доживеавме, го видовме!”
17 Господ ја исполни Својата замисла, го одржа Својот збор, кој го нареди во дамнешни денови: те разурна немилостиво. Непријателот ликува заради тебе, твојот противник го подигна својот рог.
18 Викај кон Господа со сиот глас, ридај Сионска ќерко! Твоите солзи нека течат како поток дење и ноќе. Не си давај починка себеси, зеницата на твоето око нека не се одмори.
19 Стани, викај ноќе при секоја смена на стражата. Излеј го своето срце како вода пред Господовото лице, подигај ги рацете кон Него и барај милост за своите нејаки дечиња, кои умираат од глад по аглите на улиците.
20 Погледај, Господи, и види кому му го направи тоа. Зар жените да го јадат својот пород, децата што ги лулеат во прегратка? Зар требаа да бидат исклани во Господовото Светилиште свештениците и пророците?
21 Во уличниот прав лежат: деца и старци; моите девици и моите момчиња паднаа од меч. Ти ги погуби во денот на Својот гнев, ти ги искла немилостиво.
22 Ти како на свечен ден, ги повика од сите страни моите ужаси. Во денот на Господовиот гнев никој не преживеа, никој не се спаси. Тие кои што ги лулеав и што ги одгледав, мојот непријател ги истреби сите.