1 Јас сум човек, што ја запозна бедата под прачката на Неговиот гнев.
2 Мене ме одведе и ме натера да одам во темнина и без светлина.
3 И токму мене ме бие и ме удира непрекратно Неговата рака.
4 Го исцеди моето месо, мојата кожа, ги искрши моите коски.
5 Ми направи јарем, главата ми ја опточи со тешкотии.
6 Ме остави да живеам во темнини, како одамна умрените.
7 Ме соѕида, и јас не можам да излезам, ми ги стежна моите окови.
8 Кога викав и молев за помош, ја одбиваше мојата молитва.
9 Ми ги соѕида патиштата со делкан камен, ми ги затрупа моите патишта.
10 За мене Тој беше мечка која дебне, лав во заседа.
11 Ме водеше во непроодни патишта, ме раскинуваше, ме оставаше да умирам.
12 Го оптегнуваше Својот лак и ме гаѓаше како цел за своите стрелички.
13 Во слабините ми ги закачи стреличките, синовите на својот тул.
14 Станав смешен за својот народ, секојдневна нивна песна.
15 Ме хранеше со горчина, ме напојуваше со пелин.
16 Ме оставаше да ги кршам забите гризејќи камен, ме закопуваше во пепел.
17 И го одзеде мирот на мојата душа, и ги заборавив добрите работи.
18 Реков: дотраја мојата сила и надежта, која ми доаѓа од Господа.
19 Спомни си за мојата беда и страдањата, за пелинот и за отровот!
20 Непрекратно мисли на тоа и се суши душата во мене.
21 Тоа го носам во срцето и затоа се надевам.
22 Заради Господовите добрини не сме уништени, Неговите милости никогаш не престануваат.
23 Тие се нови секое утро: Твојата верност е голема!
24 „Господ е мој дел,” ми вели душата, и затоа се надевам во Него.”
25 Добар е Господ за оној, кој се надева во Него, за душата, која Го бара.
26 Блазе му на тој, кој трпеливо чека спасение од Господа.
27 Блазе му на човекот кога тој носи јарем во својата младост.
28 Нека седи во осаменост и нека молчи, зашто Тој му го наметна тоа;
29 нека ги долепи усните до правот, можеби уште има надеж!
30 Нека му го сврти образот на оној, кој го бие, нека се засити со подигравка.
31 Зашто Господ не отфрла никого засекогаш:
32 зашто и ако растажи, Тој се смилува заради Својата голема љубов.
33 Бидејќи Тој не по волјата на Своето срце ги казнува и ги огорчува синовите човечки.
34 Кога се газат со нозе сите земни затвореници,
35 кога му се изопачува правдата на човекот пред лицето на Сèвишниот,
36 кога му се нанесува неправда на човекот во парница, зар Господ не гледа?
37 Кој рекол нешто и се случило? Не го заповеда ли тоа Господ?
38 Не доаѓаат ли од устата на Сèвишниот и доброто и злото.
39 На што се жалат живите луѓе? секој на својот грев.
40 Да ги испитаме, да ги пребараме своите патишта и да Му се вратиме на Господа.
41 Да ги подигнеме своето срце и своите раце кон Бога, Кој е на небесата.
42 Да, ние се одметнавме, бевме непокорни, а Ти, Ти не проштаваше!
43 Опфатен од Својот гнев, нè гонеше, нè умртвуваше и не нè штедеше.
44 Се завитка со облак, за да не стигне молитвата до Тебе.
45 Направи од нас гној и мерзост меѓу народите.
46 Сите наши непријатели отворија уста против нас.
47 Ужасот и јамата ни беа судбина, пропаст и гибел!
48 Потоци солзи течат од моите очи заради пропаста на Ќерката на мојот народ.
49 Моите очи леат солзи непрекратно, зашто нема прекратување
50 додека Господ не погледа и не види од небесата.
51 Моето око ми задава болка заради ќерките на мојот град.
52 Упорно како птица ме гонат сите, кои ме мразат, а без причина.
53 Го фрлија мојот живот во јама и ја затрупаа со камења.
54 Водата ми стигна над главата, си реков себеси: „Загинав!”
55 И тогаш го повикав Твоето име Господи, од најдлабоката јама.
56 Ти го чу мојот глас: Не затнувај си ги ушите на моите повици!
57 На денот на моето молење за помош беше близу до мене, велеше: „Не бој се!”
58 Ти, Господи, избори правда за мојата душа, Ти го избави мојот живот.
59 Ти, Господи, виде како ме угнетуваат, пресуди ми правда.
60 Ти ја виде сета нивна одмазда, сите измами против мене.
61 Ги чу, Господи, сите нивни подигравки, сите лукавштини против мене.
62 Усните на моите противници и нивните мисли против мене се по цел ден.
63 Кога седат, кога стануваат, само погледај: јас сум им потсмешлива песна.
64 Врати им, Господи, мило за драго, според делата на нивните раце.
65 Направи да им окорават срцата, удри ги со Своето проклетство.
66 Гони ги гневно и истреби ги сите под Своите небеса, Господи!