1 Коринтјаните 1:20-26 MNT

20 Зашто, ни филозофите, ни законодавците, ниту научниците на овој свет не не спасија! Бог ни покажа дека мудроста на овој свет е далеку од мудрост!

21 Кога мудриот Бог виде дека луѓето преку сопствената мудрост никогаш нема да дојдат до Него, реши да им обезбеди спасение на оние што ќе и поверуваат на оваа, навидум бесмислена порака што ние ја проповедаме.

22 И додека Евреите бараат знаци од небото, а Грците мудруваат,

23 ние проповедаме за Христос Кој беше распнат за да не спаси. Тоа за Евреите е неприфатливо, а за другите народи - бесмислено!

24 Но за оние што се повикани од Бог да се спасат, без разлика дали се Евреи или се од другите народи, во Христос се покажа Божјата сила и Божјата мудрост.

25 Овој навидум неразумен Божји план е многу помудар и од најмудрите човечки планови, и она што ни изгледа слабо од Бог е многу помоќно од сета човечка моќ.

26 Погледнете се, драги мои, вие што сте од Бога одбрани: меѓу вас нема многумина што се мудри според човечки мерила, ни многу моќници или луѓе од благородничко потекло.