1 Драги пријатели христијани! Сакам да ве потсетам на Радосната вест што ви ја проповедав, која вие ја прифативте и која ви стана основа на верата.
2 Таа Радосна вест што јас ви ја проповедав ќе ви донесе спасение, доколку цврсто се држите до неа, освен ако немате празна или лажна вера.
3 Јас најпрвин ви ја пренесов најважната порака, онака како што и мене ми беше пренесена: Христос умре за нашите гревови, согласно со предвестувањето запишано во Светото Писмо;
4 беше погребан и воскресна на третиот ден, согласно со предвестувањето запишано во Светото Писмо.
5 Воскреснатиот Христос му се јави на Петар и на дванаесетте апостоли,
6 а подоцна и на повеќе од петстотини Негови следбеници заедно, од кои повеќето се уште се живи, иако некои веќе починаа.
7 Потоа му се јави на Јаков, а на крајот повторно на сите апостоли.
8 Најпосле, по извесно време, ми се јави и мене, како на духовно недоносче.
9 Јас се сметам за најмал меѓу апостолите. Не заслужувам дури ни да се наречам апостол, бидејќи јас ја прогонував Божјата Црква.
10 Но, Бог ми беше милостиво благонаклонет, па станав тоа што сум и ја оправдав Неговата благонаклоност спрема мене. Работев најмногу од сите апостоли, иако за тоа не сум заслужен јас, туку Божјата благонаклоност спрема мене.
11 Сепак, не е важно дали проповедам јас или некој од другите апостоли. Важно е тоа што го проповедаме, и тоа што вие поверувавте.
12 Ако е јасно посведочено дека Христос воскресна од мртвите, како тоа некои од вас велат дека мртвите нема да воскреснат?
13 Ако е невозможно мртвите да воскреснуваат, тогаш ни Христос не воскреснал!
14 А ако Христос не воскреснал, тогаш се без основа и нашето проповедање и вашата вера!
15 Зашто, би испаднало дека тоа што ние го кажуваме за Бог е лага, бидејќи ние сме сведоци дека Бог Го воскресна Христос; а ако е невозможно мртвите да воскреснуваат, тогаш значи Бог не Го воскреснал Христос!
16 Ако е невозможно мртвите да бидат воскреснати, произлегува дека ни Христос не бил воскреснат.
17 Ако Христос не бил воскреснат, тогаш вашата вера е безвредна - вие сте и понатаму под осуда на вашите гревови!
18 Тоа би значело дека и луѓето што починаа со вера во Христос се неповратно загинати!
19 Ако ние се надеваме на Христос само за овој живот, тогаш ние сме најмизерни од сите луѓе на светот!
20 Но Христос воскресна од мртвите! Тој стана прв плод од големата жетва на сите што ќе бидат воскреснати од мртвите.
21 Како што смртта дојде на овој свет преку еден човек, Адам, така преку еден човек дојде и воскресението на мртвите, имено, преку Христос.
22 Како што сите умираме поради нашата поврзаност со Адам, така сите што се поврзани со Христос повторно ќе оживеат,
23 но според утврдениот ред. Прво воскресна Христос, а потоа, кога Тој ќе се врати, ќе воскреснат и Христовите следбеници.
24 Потем ќе дојде крајот. Христос ќе ги уништи сите зли владетели, власти и сили и ќе Му го предаде царувањето на Таткото Бог.
25 Зашто Христос ќе владее се додека не ги собори и згази сите Свои непријатели.
26 Последниот непријател што ќе биде уништен ќе биде смртта.
27 Кога Светото Писмо вели: „Се ќе покори под Своите стапала,“ јасно е дека тоа не Го вклучува Бога, зашто Бог е Тој што ќе покори се и ќе Му го потчини на Христос.
28 Кога се ќе биде под власта на Божјиот Син, тогаш Самиот Тој ќе Му се потчини на Бог, Кој претходно Нему Му потчини се. Така Бог целосно ќе владее над се.
29 Ако нема воскресение за мртвите, тогаш што сакаат да постигнат луѓето што се крштаваат заради нив? Зошто се крштаваат во името на мртвите, ако нема воскресение на мртвите!?
30 Зошто ние секој миг се изложуваме на опасности?
31 Зошто јас секојдневно се соочувам со смртта? Ви се колнам дека е така, ви се колнам во она со што многу се гордеам пред нашиот Господ Исус Христос, а тоа е што вие станавте христијани.
32 Ако во Ефес се борев со диви ѕверови надевајќи се само на она на што се надеваат обичните луѓе, каква корист ќе имам од тоа? Ако нема воскресение за мртвите, тогаш: „Да јадеме и да пиеме, зашто и онака наскоро ќе умреме!“
33 Не дозволувајте да ве залажат оние што така велат, зашто: „Лошото друштво го уништува добриот карактер!“
34 Вразумете се како што треба, и престанете да грешите! Простете што ќе ви го кажам ова, но треба да се засрамите, што некои од вас се уште не Го познаваат Бога!
35 Некој од вас ќе праша: „Како ќе воскреснат мртвите? Какви тела ќе имаат?“
36 Размислете разумно: кога сеете некое семе, тоа најпрво умира, а потоа од него израснува живо растение.
37 Она што го сеете е голо зрно пченица или нешто друго. Семето изгледа сосема различно од растението што подоцна ќе изникне.
38 На секое посејано семе Бог му дава тело какво што Тој сака. Секое си има свое сопствено тело.
39 А знаеме дека има разлики меѓу телата на луѓето, животните, птиците и рибите.
40 Постојат и небесни и земни тела, но славата на небесните тела е различна од убавината на земните тела.
41 Сјајот на Сонцето се разликува од сјајот на Месечината; поинаков е, пак, сјајот на ѕвездите, а и ѕвездите меѓусебно се разликуваат по својот сјај.
42 Слично ќе биде и со воскресението на мртвите. Се закопува распадливо тело, а ќе воскресне бесмртно тело.
43 Се погребува истоштено, грдо, слабо тело, а ќе воскресне славно и силно тело.
44 Се погребува материјално тело, а ќе воскресне духовно тело. Како што постои материјално тело, така постои и духовно тело.
45 Во Светото Писмо пишува: „Првиот човек, Адам, стана жива душа.“ А Христос, Кој може да биде наречен „Последниот Адам“, е Дух што дава живот.
46 Но прво доаѓа материјалното тело, а потоа духовното.
47 Првиот човек, Адам, беше создаден од земја, направен од земен прав. Вториот човек, Христос, потекнува од небото.
48 Какво што беше телото на Адам, такво е и телото на секој човек сега: тоа е тело создадено од земја. Но на небото ќе имаме тела како Христовото тело, бидејќи Христос потекнува од небото.
49 Како што сега личиме на Адам, на човекот направен од земен прав, така тогаш ќе личиме на Христос, на Човекот што потекнува од небото.
50 Драги мои, она што сакам да ви го кажам е дека телата од крв и месо не можат да го наследат Божјото царство. Тие се распадливи тела и како такви не можат да бидат жители на Божјото царство.
51 Ќе ви откријам една тајна: сите нема да доживееме физичка смрт, но сите ќе бидеме преобразени.
52 Тоа ќе се случи брзо, за еден миг на окото. Кога ќе се огласи последната труба, починатите Христови следбеници ќе бидат воскреснати во бесмртни тела, а ние што сме живи ќе бидеме преобразени исто така во бесмртни тела.
53 Неопходно е нашите распадливи тела да се преобразат во нераспадливи, и тоа што е смртно да се преобрази во бесмртно.
54 Кога нашите распадливи тела ќе се преобразат во нераспадливи, и смртното ќе стане бесмртно, тогаш ќе се исполни она што е напишано во Светото Писмо: “Смртта е уништена и победата е целосна!“
55 „О, смрт, каде е твојата победа? О, смрт, каде е твоето осило?“
56 Гревот е осилото на смртта, а силата на гревот почива врз одредбите на Божјиот Закон.
57 Но Бог ни даде победа над гревот и смртта преку нашиот Господ Исус Христос и треба да Му бидеме многу благодарни за тоа.
58 Затоа, драги пријатели христијани, бидете цврсти и непоколебливи, секогаш подготвени да го унапредувате делото Господово, свесни дека тоа што го работите за Господ нема да биде попусто.