1 Коринтјаните 6 MNT

1 Кога меѓу двајца христијани има некој спор, им прилега ли случајот да го изнесуваат пред световен суд, наместо да побараат помош од други христијани?

2 Зар не знаете дека еден ден, ние, христијаните, ќе му судиме на овој свет? Ако вие треба да му судите на целиот свет, зарем не сте способни да разрешите дури и најситен меѓусебен спор?

3 Зар не знаете дека ние, христијаните, ќе им судиме дури и на ангелите? Тогаш, колку полесно треба да ги разрешуваме овоземните несогласувања!

4 Кога спорите за најобични, секојдневни работи, зошто одите да се судите пред луѓе кои црквата воопшто не ги цени!?

5 Треба да се засрамите што сум принуден да ви го кажувам ова! Нема ли меѓу вас христијаните барем еден мудар човек кој би можел да пресудува во вашите меѓусебни спорови?

6 Туку дозволувате еден христијанин да се суди со друг христијанин, и тоа пред суд на неверници!

7 Самото тоа што вие воопшто се тужите еден со друг, несомнено претставува пораз за вас. Зошто не истрпите, макар и да сте онеправдани? Зошто не ја прежалите штетата што евентуално ви е нанесена?

8 Наместо тоа, вие самите правите неправди и им нанесувате штета на своите сохристијани!

9 Зар не знаете дека неправедниците нема да бидат меѓу наследниците на Божјото царство? Немојте да се залажувате! Ни блудниците, ни идолопоклониците, ни прељубниците, ни полово изопачените, ни хомосексуалците,

10 ни крадците, ни алчните, ни пијаниците, ни клеветниците, ни измамниците нема да бидат меѓу наследниците на Божјото царство!

11 И некои од вас бевте такви, но сега сте исчистени, станавте свети и оправдани пред Бог преку делото на Господ Исус Христос и Духот на нашиот Бог.

12 Некои од вас велат: „Имам слобода да правам што сакам!“ Да, но не е се полезно! Иако имам слобода да правам што сакам, нема да дозволам да робувам на нешто.

13 Велите: „Храната е наменета за стомакот, а стомакот за храната!“ Да, но еден ден Бог ќе ги уништи и стомакот и храната. Телото не постои со него да правиме блуд. Нашите тела Му припаѓаат на Господ, зашто Господ ги создал.

14 Бог ќе ги воскресне и нашите тела со истата моќ со која Го воскресна и нашиот Господ.

15 Зар не сфаќате дека вашите тела се органи на Христовото тело? Треба ли сега јас да земам нешто што е Христово и да го соединам со проститутка? Никако!

16 Или не ви е јасно дека оној што се соединува со проститутка станува едно со неа? Светото Писмо вели: „Двајцата ќе станат едно тело.“

17 На сличен начин, Кој се соединува со Господ, станува еден дух со Него.

18 Бегајте од блудот! Секој друг грев што човек може да го направи е надвор од неговото тело, но со блудот греши против сопственото тело.

19 Зар не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој ви е подарен од Бог за да живее во вас? Вие не сте ваша сопственост.

20 Откупени сте со скапа откупнина! Затоа, користете ги вашите тела со нужната почит спрема Бог.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16