1 Јавено ми е дека кај вас има некој човек што живее во блуд, и тоа таков блуд каков што нема ни меѓу паганите: блудство со својата маќеа!
2 А вие, наместо да жалите - се гордеете! Треба да го отстраните од вашата средина тој што прави такво нешто!
3 Иако јас сум физички отсутен, со духот сум меѓу вас. Јас веќе пресудив за тој што направил такво нешто, исто како да сум присутен.
4 Треба да се соберете во името на нашиот Господ Исус Христос, а со вас ќе биде и мојот дух, па со силата на нашиот Господ Исус Христос,
5 да го исклучите тој човек од црквата, препуштајќи го во рацете на Сатаната! Така тој телесно ќе биде казнет, за да биде спасен неговиот дух на Денот кога Господ ќе се врати.
6 Не е добро што се фалите колку сте духовни, а дозволувате во вашата средина да се случуваат вакви работи! Зар не знаете дека е доволно само малку квасец, за да го скисне целото тесто? Така е и со гревот.
7 Исчистете се од стариот квасец, односно, од гревот! Тогаш ќе бидете ново тесто, замесено без квасец. Вие сте токму тоа, бидејќи нашето пасхално Јагне, Христос, беше веќе жртвувано за нас.
8 Немојте да го славите празникот Пасха со ,стариот квас‘, односно, така што ќе продолжите да бидете лоши и расипани, туку со ,бесквасен леб‘, односно, со искреност и духовна чистота. Бидете чисти и искрени, па прославете го со ,леб без квасец‘.
9 Во моето претходно писмо ви напишав да се држите настрана од луѓе што се впуштаат во блуд.
10 Притоа не мислев на луѓе кои се уште не се христијани, а живеат во блуд. Кога би требало да се држите настрана од сите што во овој свет се неморални, алчни, лажговци и што им се поклонуваат на разни идоли, би требало сосема да го напуштите овој свет!
11 Мислев на луѓето што се нарекуваат христијани, а сепак прават блуд, или се алчни, или им се поклонуваат на идоли, или ги навредуваат другите, или се опиваат или мамат. Со такви немојте дури заедно ни да јадете!
12 Зар е моја работа да судам за оние што се надвор од црквата? Не треба ли и вие најнапред да се грижите какви се оние што се внатре во црквата?
13 На оние што се надвор, Бог ќе им суди, а нам Светото Писмо ни порачува: „Отстранете го од вашите редови секој што е зол!“