1 Коринтјаните 7:12-18 MNT

12 На другите можам да им дадам мој совет. Тоа не е заповед од Господ, туку мој личен совет. Ако некој христијанин има сопруга што не е христијанка и таа сака да живее со него, нека не ја остава.

13 Така, и ако христијанка има сопруг што не е христијанин и тој сака да живее со неа, нека не го остава,

14 бидејќи жената христијанка му носи светост на својот брак, па со тоа и на мажот, иако тој не е христијанин. Така е и кога мажот е христијанин, а неговата сопруга не е; тој му носи светост на својот брак, а со тоа и на својата сопруга. Кога не би било така, вашите деца би биле нечисти, а сега тие се свети.

15 Ако брачниот другар што не е христијанин сака да се разведе, нека си оди. Во таков случај, не сте должни да живеете во постојани расправии, зашто Бог сака Неговите деца да живеат во мир.

16 Впрочем, можете ли да бидете сигурни дека ќе успеете да го убедите вашиот брачен другар да стане христијанин и да се спаси?

17 Секој нека остане во ситуацијата во која Господ го избрал, кога Бог го повикал да поверува. Ова правило го кажувам по сите цркви.

18 На пример, ако некој, пред да биде повикан да поверува, веќе бил обрежан, нека не го крие тоа. Ако не бил обрежан, нека не се обрежува.