1 Павле и Барнаба влегоа заедно во синагогата во градот Иконија и проповедаа со таква сила, што голем број и Евреи и неевреи ја прифатија христијанската вера.
2 Но оние Евреи што не поверуваа, ги подбуцнуваа луѓето од другите народи да не ги слушаат Павле и Барнаба.
3 И покрај тоа, апостолите долго време останаа таму и смело зборуваа за Господ, а Господ им даваше сила да прават чуда и видливи докази, поткрепувајќи ја така веродостојноста на пораката за Неговата огромна благонаклоност.
4 Народот во градот беше поделен. Едни беа со Евреите - противници, а други со апостолите.
5 Кога работата дојде дотаму, што противниците меѓу Евреите и меѓу другите народи, предводени од своите водачи, решија да ги нападнат и да ги каменуваат,
6 апостолите избегаа кон областа Ликаонија, накај градовите Листра, Дерба и околните села.