Дела Ап. 20 MNT

1 Кога стивна вревата, Павле ги собра христијаните од Ефес и ги охрабри. Се збогува со нив и тргна за Македонија.

2 Патем, во сите градови низ кои поминуваше, со многу проповеди ги храбреше христијаните. Потоа замина за Грција.

3 Таму остана три месеци. Токму кога се подготвуваше да тргне на пловидба кон Сирија дозна дека група Евреи коваат заговор против него. Затоа реши да се врати преку Македонија.

4 На тој пат го придружуваа: Сопатер, синот на Пир од Верија, Аристарх и Секунд, од Солун, Гај од Дерба, Тимотеј, како и Тихик и Трофим од областа Азија.

5 Тие отидоа пред нас и не чекаа во Троада.

6 Откако заврши празникот на Бесквасните лебови, ние отпловивме од Филипи и по пет дена им се придруживме во Троада. Таму останавме седум дена.

7 Во неделата бевме собрани на Причест, а Павле ги поучуваше насобраните, па ја одолжи проповедта се до полноќ, зашто следниот ден се подготвуваше да замине.

8 Во горната соба, каде што бевме собрани, имаше многу ламби.

9 Едно момче, по име Евтих, седејќи крај прозорецот, задрема, бидејќи Павле долго проповедаше. Сонот го совлада и Евтих падна од третиот кат. Кога го кренаа, беше мртов.

10 Павле слезе долу, се наведна над него, го гушна и рече: „Не грижете се, жив е!“

11 Потоа сите се вратија во горната соба, и заедно зедоа Причест. Павле продолжи да им проповеда се до мугрите, кога си замина.

12 Во меѓувреме, момчето го одведоа дома живо и здраво, што беше големо олеснување за сите.

13 Павле реши да патува за Асос по копно. Ние, останатите, тргнавме со брод до Асос и се договоривме таму да го земеме со нас и Павле.

14 Се сретнавме во Асос, го зедовме со нас и отпловивме за Митилена.

15 Утредента пловевме покрај островот Киос, следниот ден поминавме покрај островот Самос, а по уште еден ден пловење, пристигнавме во Милет.

16 Павле беше решил да го заобиколи Ефес и да не се задржува во Азија, зашто брзаше, ако е можно, до празникот Духовден да пристигне во Ерусалим.

17 Од Милет испрати порака до старешините на црквата во Ефес и ги замоли да дојдат за да се сретнат со него.

18 Кога пристигнаа, Павле им рече: „Вие знаете како живеев, уште од првиот ден кога пристигнав во Азија, зашто цело време бев со вас.

19 Му служев на Господ со голема понизност, со солзи и маки низ кои морав да поминам поради заговорите што против мене ги коваа Евреите.

20 Сепак, не пропуштив да ви кажам се што е полезно за вас, поучувајќи ве јавно или во вашите домови.

21 Имав иста порака и за Евреите и за неевреите: да се покаат, да се свртат кон Бог и да поверуваат во нашиот Господ Исус.

22 Сега Светиот Дух ме тера да одам во Ерусалим. Не знам што ме чека таму.

23 Знам само дека Светиот Дух ми има кажано оти во секој град ме чекаат затвори и страдања.

24 Но тоа не ме плаши. Мојот живот би немал вредност доколку не го искористам за да ја извршам мисијата што ми ја довери Господ Исус: да им ја проповедам на луѓето Радосната вест за Божјата милосрдна благонаклоност.

25 Сега знам дека никој од вас со кои живеев и ви проповедав за Божјото царство нема повеќе да ме види.

26 Затоа сакам јасно и гласно да ви кажам денес дека, ако некој од вас заврши во вечна смрт, јас за тоа не сум одговорен.

27 Не пропуштив ништо од Божјиот план за луѓето, туку во целост ви го објавив.

28 Внимавајте и на себе и на целото Божјо стадо во кое Светиот Дух ве поставил за надзорници. Бидете пастири на Божјата Црква која Тој ја откупи со сопствената крв.

29 Знам дека откако јас ќе си заминам, ќе ви доаѓаат лажни пастири кои како свирепи волци ќе ве напаѓаат и нема да го штедат стадото.

30 Од самите вас ќе произлезат луѓе што ќе ја изопачуваат вистината за да повлечат по себе дел од Христовите следбеници.

31 Затоа, бидете на штрек! Не заборавајте дека три години деноноќно, без престан, со солзи во очите, го советував секој од вас поединечно.

32 Сега ве предавам под Божјата грижа и поука од пораката за Неговата милосрдна благонаклоност спрема вас. Таа порака има моќ да ве изградува и да ви даде наследство заедно со сите што Бог ги избра и посвети.

33 Од никого не барав пари или облеки.

34 Вие и самите знаете дека за моите потреби и за потребите на оние што ме придружуваа јас работев со сопствените раце.

35 На тој начин ви покажав како со вредно работење може да им се помогне на сиромашните. Не заборавајте што ни порача Самиот Господ Исус: ,Поблагословен е тој што дава, отколку тој што добива‘.“

36 Кога го рече ова, клекна на колена со нив и се молеше.

37 Сите заплакаа на глас, и збогувајќи се, го гушкаа и го бакнуваа.

38 Беа посебно тажни поради тоа што им рече дека веќе нема да го видат. Потоа го испратија до бродот.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28