Дела Ап. 6 MNT

1 Во тоа време, откако бројот на христијаните се зголеми, Елините се побунија против Евреите, зашто нивните вдовици беа занемарувани при секојдневното делење на храна.

2 Тогаш дванаесетте апостоли ги свикаа сите христијани и им рекоа: „Не е добро ние, апостолите, да го запоставуваме проповедањето на Божјата порака и да служиме околу трпезите.

3 Затоа, браќа, одберете меѓу себе седуммина чесни мажи, со добар углед, исполнети со Светиот Дух и со мудрост, на кои ќе им го предадеме ова задолжение,

4 а ние целосно ќе се посветиме на молитва и на проповедање на Божјата порака.“

5 Ова им се допадна на присутните и ги одбраа: Стефан, човек исполнет со вера и со Светиот Дух, Филип, Прохор, Никанор, Тимон, Пармен и Никола, новообратен прозелит од Антиохија.

6 Ги доведоа пред апостолите, кои со положени раце над нив се помолија за нив.

7 Божјата порака се пошироко се прифаќаше и бројот на христијаните во Ерусалим бргу се зголемуваше, па и голем број еврејски свештеници ја прифаќаа христијанската вера.

8 Бог беше благонаклонет спрема Стефан и му даде сила, па тој правеше големи чуда и изнесуваше докази меѓу луѓето.

9 Но еден ден, неколку припадници на синагогата наречена ?Синагога на ослободените‘ почнаа да се расправаат со него. Тие беа Евреи од Киринеја, Александрија, Киликија и од областа Азија.

10 Не можејќи да им се противстават на мудроста и на Духот со кои Стефан зборуваше,

11 тие тајно наговорија неколку луѓе лажно да го обвинат, велејќи: „Го слушнавме како зборува многу навредливи работи против Мојсеј и против Бог!“

12 Така успеаја да ги кренат на нозе народот, старешините и вероучителите, кои дојдоа кај Стефан, го фатија и го изведоа пред Врховното собрание.

13 Истапија лажните сведоци и рекоа: „Овој човек не престанува да зборува против овој храм и против Мојсеевиот Закон.

14 Го слушнавме како зборува дека Исус од Назарет ќе го уништи храмот и ќе ги измени обичаите што ни се предадени од Мојсеј.“

15 Тогаш сите што седеа во собранието се загледаа во Стефан, забележувајќи дека лицето му стана како лице на ангел.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28