Дела Ап. 26 MNT

1 Потоа Агрипа му рече на Павле: „Можеш да почнеш да ја изложуваш својата одбрана.“ Тогаш Павле ја испружи раката во знак на поздрав, и ја започна својата одбрана:

2 „Царе Агрипа, имам голема среќа што можам пред Вас да ја изнесам мојата одбрана во врска со се она за што ме обвинуваат Евреите,

3 зашто вие сте добар познавач на еврејските обичаи и расправии. Затоа ве молам внимателно да ме ислушате.

4 Сите Евреи знаат каков беше мојот живот уште додека бев млад, кога живеев во Ерусалим, меѓу мојот народ.

5 Ме познаваат веќе долго време и ако сакаат можат да потврдат дека јас бев фарисеј, што значи дека живеев според најстрогите прописи на нашата вера.

6 Сега сум изведен пред суд, затоа што верувам дека Бог ќе го исполни она што им го вети на нашите прататковци.

7 А сите дванаесет еврејски племиња ревносно Му се поклонуваат на Бог ден и ноќ, очекувајќи го исполнувањето на истата вера! Заради таа моја вера, царе, јас денеска сум обвинет од Евреите.

8 Зошто вам ви се чини неверојатно дека Бог ќе ги воскресне мртвите!?

9 Порано и јас верував дека треба со сите свои сили да им се противставам на следбениците на Исус од Назарет.

10 Така и правев. Имав добиено овластување од Првосвештениците, па многу христијани од Ерусалим одведов в затвор. Кога им се судеше и кога беа осудувани на смрт и јас гласав против нив.

11 Ги казнував по сите синагоги и со примена на сила се обидував да ги натерам да Го навредуваат Христос. Толку строг бев против нив, што ги прогонував дури и во далечни градови, надвор од нашата земја!

12 При еден таков потфат тргнав за Дамаск со овластување и задача од Првосвештениците.

13 Додека патував, Ваше Величество, сред бел ден видов светлина посилна од сончевата што блесна во мене и во моите придружници.

14 Сите паднавме наземи! Тогаш јас слушнав глас, кој на еврејски јазик ми рече: ,Савле, Савле, зошто Ме прогонуваш!? Лошо ќе поминеш ако клоцаш против остен!‘

15 ,Кој сте Вие, Господине?‘ - прашав, а Господ ми одговори: ,Јас сум Исус, Оној што Го прогонуваш!

16 Стани, исправи се на нозе! Јас ти се појавив за да те назначам за Свој служител и сведок: да им го кажуваш на луѓето ова што го виде и она што допрва ќе ти го откријам.

17 А јас ќе те заштитувам од твојот народ и од другите народи кај кои те испраќам

18 за да им ги отвориш очите, па да се обратат од темнина кон светлина, од власта на Сатаната кон Бог. Така ќе добијат простување за своите гревови и наследство заедно со сите други што станаа Божји народ, одбрани преку вера во Мене.‘

19 Така, царе Агрипа, јас не откажав послушност спрема ова видение што ми дојде од небото.

20 Почнав да им проповедам, најпрво на Евреите во Дамаск, а потоа во Ерусалим и во сите области на Јудеја. Потоа продолжив да им проповедам и на нееврејските народи, да им објаснувам дека треба да се покаат и да се свртат кон Бог, и со своето поведение на дело да потврдат дека навистина се покајале.

21 Поради ова, додека бев во храмот, група Евреи ме фатија и се обидоа да ме убијат.

22 Но се до денешен ден Бог ми беше на помош и еве стојам овде и им сведочам на сите, на обични луѓе и на моќници. Не проповедам ништо различно од она што е веќе претскажано од пророците и од Мојсеј:

23 дека Месијата требаше да настрада и дека како првовоскреснат од мртвите Тој им ја покажа светлината и на Евреите и на сите други народи.“

24 Ненадејно Фест стана и почна да вика: „Си споулавел, Павле! Од многу читање си се мрднал од умот!“

25 „Не сум споулавел, честити Фесте!“ - рече Павле. „Тоа што го зборувам е разумно и вистинито!

26 Царот Агрипа добро ги познава овие работи и затоа јас толку слободно зборувам пред него. Уверен сум дека ништо од сево ова не му е непознато, бидејќи ова не се одигруваше во некое зафрлено ќоше!

27 Верувате ли, царе Агрипа, во она што го пишале пророците? Знам дека верувате!“

28 Агрипа му одговори: „За малку и мене ќе ме убедиш да станам христијанин!“

29 На тоа Павле му рече: „Му се молам на Бог, за малку или за многу не само Вие, туку и сите што денес ме слушате да станете такви луѓе каков што сум јас, но без окови!“

30 Тогаш царот, гувернерот, Берника и сите што седеа со нив станаа,

31 и на заминување си рекоа меѓу себе: „Овој човек нема направено ништо што би заслужувало смртна казна или затвор!“

32 А Агрипа му рече на Фест: „Ако овој човек не беше побарал да оди кај императорот, можеше веднаш да биде ослободен!“

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28