Дела Ап. 15:17-23 MNT

17 така што остатокот од човештвото, меѓу кои се и сите нееврејски народи кои Јас сум ги повикал да бидат Мои, ќе можат да Го најдат Господа.‘ Вака рече Господ,

18 Кој уште пред векови ни ги објави овие нешта.

19 Затоа јас сметам дека не треба да им отежнуваме на луѓето од нееврејско потекло кои решиле да се свртат кон Бог.

20 Да им напишеме само да не јадат месо што е принесено како жртва на идоли, да се пазат од блуд, да не јадат задавени животни и да не консумираат крв.

21 Зашто овие закони од Мојсеј се проповедаат секоја сабота по еврејските синагоги во сите градови.“

22 Тогаш апостолите, старешините и целата црква во Ерусалим решија да изберат луѓе и да ги испратат во сириска Антиохија, заедно со Павле и Барнаба за да им ја пренесат оваа одлука. Одбраа двајца од водачите на црквата: Јуда, наречен Барсаба, и Сила.

23 Ним им го предадоа следново писмо: “Од апостолите и старешините, ваши браќа од Ерусалим, до христијаните од нееврејско потекло во Антиохија, Сирија и Киликија. Поздрави до вас!