Дела Ап. 17:28-34 MNT

28 Бидејќи Тој ни овозможува да живееме, да се движиме и да бидеме тоа што сме. Како што вели и еден од вашите поети: ,Ние сме Негови деца.‘

29 Затоа, штом знаете дека сме Божји чеда, не треба да мислиме дека идолите се богови. Тие се само злато, сребро или камен, обликувани со вештината и според замислата на обични луѓе.

30 Не земајќи го предвид времето кога луѓето не го знаеле ова, Бог сега им порачува на сите луѓе, насекаде, да се одвратат од идолите и да се свртат кон Бог.

31 Зашто Тој го има одредено денот во кој праведно ќе му суди на целиот свет, преку Човекот што за тоа Го определи и уверливо Го потврди воскреснувајќи Го од мртвите.“

32 Кога слушнаа дека зборува за воскреснување од мртвите, некои луѓе почнаа да му се подбиваат, но други рекоа: „Сакаме повторно да ни зборуваш за ова!“

33 Тогаш Павле си замина оттаму,

34 а неколку души поверуваа и му се придружија. Меѓу нив беа: Дионисиј, член на Ареопагот, една жена по име Дамара и уште неколкумина други.