Дела Ап. 19:23-29 MNT

23 Во тоа време во Ефес настанаа големи немири заради Христовото учење.

24 Еден златар по име Димитри, кој изработуваше сребрени модели од храмот на божицата Артемида и на тој начин се богатеа и тој и неговите соработници,

25 ги собра сите што се занимаваа со оваа и слична работа и им рече: „Луѓе, вие знаете дека нашето богатство доаѓа од овој занает.

26 Гледате и слушате дека не само во Ефес, туку речиси во цела Азија, овој човек, Павле, разубеди и одврати многу луѓе, велејќи им дека овие предмети направени од човечка рака не се богови.

27 Постои опасност не само нашиот занает да падне во немилост, туку и храмот на големата божица Артемида сосема да ја загуби својата важност, да исчезне нејзината величественост што ја почитуваат цела Азија и целиот свет!“

28 Кога го слушнаа ова, збеснаа и почнаа да викаат: „Голема е Артемида, божицата на Ефес!“

29 Во градот настана мешаница и откако ги фатија Македонците Гај и Аристарх, сопатници на Павле, сите се собраа во градскиот амфитеатар.