19 Му служев на Господ со голема понизност, со солзи и маки низ кои морав да поминам поради заговорите што против мене ги коваа Евреите.
20 Сепак, не пропуштив да ви кажам се што е полезно за вас, поучувајќи ве јавно или во вашите домови.
21 Имав иста порака и за Евреите и за неевреите: да се покаат, да се свртат кон Бог и да поверуваат во нашиот Господ Исус.
22 Сега Светиот Дух ме тера да одам во Ерусалим. Не знам што ме чека таму.
23 Знам само дека Светиот Дух ми има кажано оти во секој град ме чекаат затвори и страдања.
24 Но тоа не ме плаши. Мојот живот би немал вредност доколку не го искористам за да ја извршам мисијата што ми ја довери Господ Исус: да им ја проповедам на луѓето Радосната вест за Божјата милосрдна благонаклоност.
25 Сега знам дека никој од вас со кои живеев и ви проповедав за Божјото царство нема повеќе да ме види.