Дела Ап. 24:10-16 MNT

10 Гувернерот му даде знак на Павле дека може да зборува. Павле рече: “Знам, господине, дека Вие веќе долго време му служите како судија на нашиот еврејски народ и добро ги познавате работите за кои сум обвинет, и затоа јас со голема доверба во вас ќе ја изложам својата одбрана.

11 Лесно ќе дознаете дека јас во Ерусалим пристигнав на поклонение во храмот пред дванаесетина дена.

12 Ниту во храмот ме затекнале со некого да се расправам, ниту во синагогите, ниту пак во градот сум го подбуцнувал народот на бунт.

13 Тие не можат да го докажат она за што ме обвинуваат.

14 Јас овде, пред Вас, признавам дека сум следбеник на Христовото учење што тие го нарекуваат секта и на тој начин Му служам на Богот на нашите татковци, верувајќи во се што е запишано во Мојсеевите книги и во книгите на пророците.

15 И јас, како и тие, верувам во Бог и уверен сум дека Тој ќе ги воскресне мртвите, како праведните, така и неправедните.

16 Заради тоа правам се што знам и умеам, та мојата совест пред Бог и пред луѓето секогаш да биде чиста.