20 Почнав да им проповедам, најпрво на Евреите во Дамаск, а потоа во Ерусалим и во сите области на Јудеја. Потоа продолжив да им проповедам и на нееврејските народи, да им објаснувам дека треба да се покаат и да се свртат кон Бог, и со своето поведение на дело да потврдат дека навистина се покајале.
21 Поради ова, додека бев во храмот, група Евреи ме фатија и се обидоа да ме убијат.
22 Но се до денешен ден Бог ми беше на помош и еве стојам овде и им сведочам на сите, на обични луѓе и на моќници. Не проповедам ништо различно од она што е веќе претскажано од пророците и од Мојсеј:
23 дека Месијата требаше да настрада и дека како првовоскреснат од мртвите Тој им ја покажа светлината и на Евреите и на сите други народи.“
24 Ненадејно Фест стана и почна да вика: „Си споулавел, Павле! Од многу читање си се мрднал од умот!“
25 „Не сум споулавел, честити Фесте!“ - рече Павле. „Тоа што го зборувам е разумно и вистинито!
26 Царот Агрипа добро ги познава овие работи и затоа јас толку слободно зборувам пред него. Уверен сум дека ништо од сево ова не му е непознато, бидејќи ова не се одигруваше во некое зафрлено ќоше!