Дела Ап. 3:7-13 MNT

7 Потоа го фати за десната рака и го исправи. Во истиот миг му зацврснаа стапалата и глуждовите!

8 Скокна, застана на своите нозе и почна да оди! Заедно со нив влезе во храмот, скокајќи и славејќи Го Бога.

9 Целиот народ го виде како оди и Го слави Бога.

10 Тие знаеја дека тоа беше истиот човек што седеше и просеше пред Красната порта на храмот и од восхит не можеа да се изначудат на она што се случи.

11 Сиот народ се насобра околу нив, под Соломоновиот трем. Човекот не се одвојуваше од Петар и Јован. Луѓето стоеја, стаписани од тоа што се случи.

12 Кога Петар виде дека луѓето се чудат, им рече: „Луѓе, Израелци, зошто се чудите на ова? Зошто зјапате во нас, небаре ние со своја сила или побожност направивме овој човек да прооди!?

13 Преку ова дело, Богот на Авраам, на Исак, на Јаков и на сите наши предци, Го прослави Својот Слуга Исус. Вие Го предадовте и се откажавте од Него пред Пилат, кога тој беше решил да Го ослободи.