Дела Ап. 7:52-58 MNT

52 Посочете ми еден пророк што не беше прогонуван од вашите предци! Тие ги убија пророците што го претскажаа доаѓањето на Праведникот, на Месијата, а кога Тој дојде, вие се свртевте против Него, Го предадовте и Го убивте.

53 Ангели ви го пренесоа Божјиот Закон и пак не го почитувате!“

54 Кога еврејските верски и национални водачи го слушнаа ова, зовреа од бес и почнаа да крцкаат со забите против Стефан.

55 А тој, исполнет со Светиот Дух, и со вперен поглед кон небото каде што ја виде Божјата слава, и Го виде Исуса како стои од десната страна на Бог,

56 рече: „Погледнете, ги гледам небесата отворени и Синот Човечки како стои од десната страна на Бог!“

57 Тогаш Евреите си ги затнаа ушите, и со силна викотница се нафрлија врз Стефан.

58 Го извлекоа надвор од градот и го каменуваа. Оние што сведочеа против Стефан ги соблекоа своите горни облеки и ги оставија кај едно момче по име Савле, да им ги причува.