25 Откако Петар и Јован сведочеа и проповедаа за Господ, се вратија во Ерусалим. Патем ја проповедаа Радосната вест по многу села во Самарија низ кои поминуваа.
26 Потоа ангел Господов му рече на Филип: „Стани и оди на југ, по пустинскиот пат што се спушта од Ерусалим кон Газа!“
27 Филип веднаш замина. По пат сретна еден Етиопјанец, евнух, виден службеник кој раководел со целата ризница во дворецот на етиопската царица Кандакија. Тој бил на поклонение во Ерусалим,
28 па сега се враќаше во Етиопија. Седеше во својата кола и ја читаше книгата на пророкот Исаија.
29 Светиот Дух му рече на Филип: „Приближи се до колата и придружи му се на Етиопјанецот.“
30 Филип го стаса и кога слушна како го чита пророкот Исаија, го праша: „Го разбираш ли ова што го читаш?“
31 „Како би можел да го разберам, ако некој не ми го објасни?“ - одговори Етиопјанецот, па го покани да седне до него.