28 Тој и одговори: „Уште поблагословени се оние што ја слушаат Божјата порака и ја спроведуваат во дело!“
29 Сe повеќе народ се собираше, и Исус почна да говори: „Оваа генерација е расипана генерација! Тие бараат чудотворен знак, но ним нема да им биде даден никаков друг знак, освен знакот на пророкот Јона:
30 како што Јона им беше знак на Ниневијците, така и Јас, Синот Човечки, ќе и бидам знак на оваа генерација.
31 Ќе стане и кралицата од Шеба на Судниот ден и ќе ја осуди оваа генерација, зашто таа дојде од далечна земја, за да ја чуе мудроста на Соломон, а еве, пред вас стои Оној што е многу поголем од Соломон!
32 На Судниот ден, жителите на градот Нинева ќе станат и ќе ја осудат оваа генерација, зашто во тоа време тие се покајаа преку проповедањето на Јона. Ве уверувам дека пред вас стои Некој што е многу поголем од Јона, а вие одбивате да се покаете!“
33 „Никој не пали свеќа за да ја скрие или стави под капак, туку ја става на свеќник, за да им свети на луѓето кои влегуваат.
34 Вашите очи се светилка за телото. Здравото и бистро око ја пропушта светлината во целото тело и тоа ќе ви биде осветлено. Лошото око не ја пропушта светлината и целото тело ќе ви потоне во мрак.