Лука 16 MNT

1 На Своите ученици, Исус им ја раскажа и следнава приказна: „Еден богат човек имаше свој куќен настојник за кој слушал гласови дека му го растура имотот.

2 Го повика кај себе и му рече: ,Што е ова што го слушам за тебе? Поднеси ми завршен извештај за управувањето со мојот имот, зашто повеќе не си мој настојник!‘

3 Тогаш настојникот си рече: ,Господарот ќе ме отпушти од работа; што да правам? Да копам не можам, а се срамам да просам.

4 Сега знам што треба да сторам, за да си стекнам пријатели кои ќе ме примаат во своите домови, кога ќе бидам отпуштен од работа.‘

5 Па ги повика сите должници на неговиот господар и го праша првиот: ,Што и колку му должиш ти на мојот господар?‘

6 ,Сто буриња маслиново масло‘ - му одговори тој. ,Еве ти нова потврда и напиши дека должиш педесет буриња‘ - му рече настојникот.

7 Потоа го праша вториот: ,Колку должиш ти?‘ Овој одговори: ,Сто вреќи пченица.‘ Настојникот му рече: ,Еве ти нова потврда и напиши осумдесет.‘

8 И господарот го пофали неправедниот настојник, зашто постапил снаодливо. Бездруго, световните луѓе се многу поитри во вршењето на своите работи во споредба со побожните луѓе.“

9 Потоа Исус продолжи: „Јас ви порачувам: стекнувајте си пријатели со световното богатство, па кога него ќе го снема, ќе бидете примени во вечните домови.

10 Тој што е верен во мали работи, ќе биде верен и во големи, а тој што е нечесен во мали работи, ќе биде нечесен и во големи.

11 Ако не се покажете верни со земното богатство, кое не е вистинско богатство, не очекувајте да ви биде доверено вистинското, небесно богатство.

12 Ако не сте верни со она што не е ваше, не очекувајте дека ќе ви биде дадено вашето!“

13 „Ниеден слуга не може верно да им служи на двајца господари: или едниот ќе го сака, а другиот ќе го мрази, или едниот ќе го почитува, а другиот ќе го презира. Не можете да им служите и на Бог и на парите!“

14 Сето ова го слушаа фарисеите и Му се подбиваа на Исус, зашто тие беа лакоми за пари.

15 А Исус им рече: „Вие се правите праведни пред луѓето, но Бог ви ги познава срцата: во очите на луѓето сте големи, но пред Бога сте гнасни!

16 Мојсеевиот Закон и учењата на пророците беа на сила до времето на Јован Крстител. Оттогаш наваму се проповеда Радосната вест за Божјото царство и секој навалува да влезе во него.

17 Но попрво ќе исчезнат небото и Земјата, отколку еден ситен детаљ од Божјиот Закон.“

18 „Тој што ќе се разведе од својата жена и ќе се ожени за друга - врши прељуба. Тој што ќе се ожени со разведена жена - исто така врши прељуба.“

19 „Си беше еднаш еден многу богат човек, кој се облекуваше во скапоцена и модерна облека, секој ден се гоштаваше и живееше раскошно.

20 А имаше и еден сиромашен човек, по име Лазар, целиот во рани, кој просеше пред портите на богатиот,

21 копнеејќи да се прехрани од она што се фрлаше од трпезата на богатиот, таму, каде што и пците доаѓаа да му ги лижат раните.

22 Кога почина сиромавиот, ангелите го одведоа на небото, каде што е Авраам. Почина и богатиот и беше погребан.

23 Тој заврши во адот, во страшни маки, од каде што во далечините го забележа Авраама, а до него и Лазара,

24 па извика: ,Татко Аврааме! Имај милост спрема мене и испрати ми го Лазар со намокрен прст да ми го разлади јазикот, зашто страшно се измачувам во овој оган!‘

25 А Авраам му рече: ,Сети се, синко, дека во твојот живот ти ги имаше сите добри работи, а Лазар сите лоши. Сега, тој ужива овде, а ти се мачиш.

26 Освен тоа, меѓу нас и вас има длабока бездна преку која никој не може да помине ни одовде таму, ни оттаму ваму.‘

27 А бившиот богатник рече: ,Тогаш, те молам, татко Аврааме, испрати го Лазар во домот на татко ми,

28 каде што имам петмина браќа; нека ги предупреди сериозно, за да не втасаат и тие на ова страшно место на измачување!‘

29 А Авраам му одговори: ,Тие ги имаат светите писма на Мојсеј и на пророците за да ги предупредуваат; нив нека ги почитуваат.‘

30 Но тој пак продолжи: ,Не, татко Аврааме, тоа нема да ги обрати; само ако им дојде некој од мртвите, тие ќе се обратат!‘

31 Во заклучок, Авраам му одговори: ,Ако не ги слушаат учењата на Мојсеј и на пророците нема да поверуваат дури ни ако некој воскресне од мртвите!‘“

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24