1 Потоа Исус им ја кажа следнава споредба, за да им покаже дека треба постојано да се молат и да не се обесхрабруваат.
2 „Во еден град имаше судија кој немаше ни страхопочит спрема Бог, ни срам од луѓето.
3 Во истиот град имаше и една вдовица, која честопати доаѓаше кај него и го молеше: ,Заштити ме од мојот противник!‘
4 Судијата долго време не преземаше ништо, но најпосле си рече: ,Иако јас немам ни страхопочит спрема Бог, ни срам од луѓето,
5 сепак, заради упорноста на оваа жена ќе се заложам за неа, за да престане да доаѓа и да ми додева!‘“
6 Во продолжение, Господ рече: „Чувте ли што рекол неправедниот судија?
7 Зар нема и Бог да се заземе за Своите луѓе, кои Му се молат дење и ноќе!? Зар ќе задоцни со Својата помош?
8 Ве уверувам дека Тој брзо ќе се заземе за нив! Само, ќе најдам ли Јас, Синот Човечки, луѓе што ќе имаат вера кога ќе се вратам на Земјата?“
9 За оние што беа самоуверени во својата праведност и ги потценуваа другите, Исус ја кажа следнава споредба:
10 „Двајца мажи влегоа во храмот да се молат; едниот беше фарисеј, а другиот собирач на данок.
11 Горделивиот фарисеј стоеше одвоено и се молеше вака: ,Ти благодарам, Боже, што јас не сум грешник, како што се другите луѓе: разбојници, нечесни, прељубници; ниту пак како овој собирач на данок, овде!
12 Двапати неделно постам и во храмот давам десеток од сите мои приходи!‘
13 А собирачот на данок стоеше подалеку и не се осмелуваше ни да погледне кон небото, туку се удираше во градите и се молеше вака: ,Боже! Имај милост спрема мене, зашто јас сум грешник!‘
14 Ве уверувам дека собирачот на данок, а не фарисејот, си замина оправдан пред Бога! Зашто, оној што се крева на големо - ќе биде понижен, а оној што се понизува - ќе биде издигнат!“
15 Некои луѓе Му ги носеа на Исус своите дечиња, за да ги благослови, полагајќи раце врз нив. Кога Исусовите ученици го видоа тоа, почнаа да ги одвраќаат,
16 но Исус ги повика децата кај Себе и рече: „Пуштете ги децата да доаѓаат кај Мене и не спречувајте ги, зашто Божјото царство им припаѓа на таквите како нив!
17 Ве уверувам дека тие што нема да го прифатат Божјото царство како малите деца - нема да влезат во него!“
18 Еден од еврејските старешини Го праша Исуса: „Добар Учителе! Што треба да сторам за да се здобијам со вечен живот?“
19 Исус му одговори: „Зошто Ме нарекуваш ,добар‘? Само Бог е добар и никој друг.
20 Заповедите ги знаеш: ,Не врши прељуба, не убивај, не кради, не обвинувај лажно, почитувај ги татка си и мајка си ...‘“
21 Човекот одговори: „Спрема сите овие заповеди се придржувам уште од својата младост.“
22 Слушајќи го ова, Исус му рече: „Ти недостасува уште само една работа: продај сe што имаш, раздели им ги парите на сиромасите, а ти ќе имаш богатства на небото. Потоа, дојди и биди Мој следбеник.“
23 Кога го чу ова, човекот се разочара, зашто беше многу богат.
24 Забележувајќи дека човекот се разочара, Исус рече: „Колку е тешко богат човек да влезе во Божјото царство!
25 Полесно ќе се спровре камила низ иглени уши, отколку богат човек да влезе во Божјото царство!“
26 Тие што Го слушаа, Го запрашаа: „Тогаш, кој може да се спаси!?“
27 Исус им одговори: „Тоа што не можат да го сторат луѓето, може да го стори Бог.“
28 Тогаш Петар Му рече: „Ете, ние оставивме сe што имавме и станавме Твои следбеници!“
29 Исус одговори: „Ве уверувам дека секој што оставил куќа, жена, браќа, родители или деца заради Божјото царство,
30 ќе добие многу повеќе, уште на овој свет, а и вечен живот на идниот свет!“
31 Потоа Исус ги поведе со Себе дванаесеттемина Свои ученици и им рече: „Слушајте! Сега ќе влеземе во Ерусалим, каде што за Синот Човечки ќе се исполни сe што претскажале пророците.
32 Тој ќе им биде предаден на Римјаните кои ќе Го исмеваат, ќе Го навредуваат и ќе Го плукаат,
33 ќе го камшикуваат и ќе Го погубат, но на третиот ден Тој ќе воскресне.“
34 Меѓутоа, учениците не разбраа ништо од ова; овие зборови им звучеа таинствено и им остана нејасно, што сакаше Исус да им каже.
35 Кога Исус се доближи до градот Јерихо, крај патот седеше еден слеп човек и просеше.
36 Кога слепиот слушна дека крај него минува толпа народ, запраша: „Што се случува?“
37 Тие му одговорија: „Минува Исус од Назарет!“
38 Тогаш слепиот повика: „Исусе, Сине Давидов, имај милост спрема мене!“
39 Минувачите го замолкнуваа, но тој викаше уште погласно: „Исусе, Сине Давидов, имај милост спрема мене!“
40 Исус запре и заповеда да Му го донесат слепиот. Кога се доближи, Исус го праша:
41 „Што сакаш да сторам за тебе?“ Тој одговори: „Да прогледам, Господе!“
42 Исус му рече: „Прогледај! Твојата вера те исцели!“
43 Во истиот миг, човекот прогледа и Му се придружи на Исус, славејќи Го Бога, а и сиот народ, кога го виде ова, Му оддаваше слава на Бог.