Лука 23 MNT

1 Тогаш целиот Совет стана и Го одведе Исуса кај римскиот гувернер Пилат,

2 па почна да ги изнесува своите обвиненија: „Утврдивме дека овој човек го заведува нашиот народ, ги поттикнува луѓето да не му плаќаат данок на императорот, а тврди и дека Тој е Месијата, царот!“

3 Пилат Го праша: „Ти ли си царот на Евреите?“ Исус му одговори: „Самиот го велиш тоа.“

4 Тогаш Пилат им рече на свештеничките поглавари и на народот: „Не наоѓам никаква вина за да Го осудам овој човек.“

5 Но тие уште поупорно викаа: „Тој го поттикнува народот на бунт по целата јудејска земја! Најпрво почна од Галилеја, па втаса довде!“

6 Откако Пилат го чу ова, праша: „Зар овој човек е Галилеец?“

7 Кога разбра дека Исус потекнува од покраината над која владее Ирод Антипа, веднаш Го прати кај него, бидејќи тој во тоа време се наоѓаше во Ерусалим.

8 Ирод се израдува кога Го виде Исуса, зашто беше чул за Него и одамна имаше желба да Го види, надевајќи се дека Исус и пред него ќе изврши некое чудо.

9 Ирод Му поставуваше многубројни прашања, но Исус воопшто не му одговараше.

10 Тука беа и свештеничките поглавари и вероучителите, кои изнесуваа жестоки обвиненија против Исус.

11 Ирод и неговите војници Му се подбиваа на Исус и Го понижуваа. Потоа Го облекоа во раскошна облека и повторно Го испратија кај Пилат.

12 На тој ден Ирод и Пилат се спријателија, бидејќи дотогаш беа противници.

13 Пилат ги повика свештеничките поглавари, членовите на Врховниот совет и народот,

14 и им рече: „Вие ми го доведовте овој човек под обвинение дека го поттикнува народот на одметништво. Еве, јас Го испрашав пред вас и не утврдив никаква вина кај Него од она за што вие Го обвинувате,

15 ниту пак Ирод најде некаква вина кај овој човек и затоа Го врати назад кај мене. Овој човек не сторил ништо со што би заслужил смртна казна.

16 Предлагам да Го предадам на камшикување и да Го пуштам.“

17 (Секоја година, по повод празникот Пасха, Пилат им ослободуваше по еден затвореник.)

18 Но тие сите во еден глас повикаа: „Погуби Го овој, а пушти ни го Бараба!“

19 Бараба беше затворен поради учество во некој градски бунт и поради убиство.

20 Пилат сакаше да Го пушти Исуса, па затоа повторно им се обрати на присутните,

21 но тие продолжија да викаат: „Распни Го! Распни Го!“

22 Пилат по третпат им се обрати: „А какво злосторство извршил? Јас не најдов никаква вина кај Него за да Го осудам на смрт! Затоа, предлагам да биде камшикуван, а потоа ослободен!“

23 Но тие со голема викотница продолжуваа да бараат Исус да биде распнат и конечно надвладеаја.

24 Пилат реши да го задоволи нивното барање.

25 Им го пушти од затвор човекот чие ослободување го бараа - затвореникот за бунт и убиство - а Исуса им Го препушти на нивната волја.

26 Одведувајќи Го Исуса, војниците наидоа на еден човек по име Симон Киренеецот, кој се враќаше од полето и го натераа тој да го носи крстот за распнување на Исус, одејќи по Него.

27 По Исуса врвеше многуброен народ, меѓу нив и некои жени, кои плачеа и Го оплакуваа.

28 Исус се сврте кон нив и им рече: „Ќерки ерусалимски! Не оплакувајте Ме Мене, туку себеси и своите деца,

29 зашто идат денови, кога ќе се вели: ,Блазе си им на неротките, на утробите што не раѓале и на градите што не доеле!‘

30 Во тие дни луѓето ќе им довикуваат на планините: ,Паднете врз нас!‘, и на ридовите: ,Затрупајте нe!‘

31 Зашто, ако вака се постапува со зеленото стебло, тогаш што ли го очекува искршеното!?“

32 Покрај Исус, на распнување водеа и двајца злосторници.

33 Кога пристигнаа на местото наречено ,Череп‘, таму ги распнаа Исуса и злосторниците: едниот оддесно, а другиот одлево на Исуса.

34 А Исус се молеше вака: „Прости им, Татко, зашто тие не се свесни, всушност, што прават!“ Неговите облеки ги поделија меѓу себе со жрепка.

35 Народот стоеше и го гледаше сето ова, а еврејските водачи Му се подбиваа, велејќи: „Другите ги спасуваше, нека се спаси сега Самиот Себеси, ако е Тој навистина Месијата - Избраникот Божји!“

36 Му се подбиваа и војниците. Му приоѓаа и Го принудуваа да пие оцет,

37 говорејќи: „Спаси се, ако си цар на Евреите!“

38 Над Него ставија штица со натпис, кој гласеше: ,Овој е Царот на Евреите!‘

39 Еден од распнатите злосторници Го навредуваше Исуса и Му велеше: „Зар не си Ти Месијата? Ајде, спаси се и Себеси и нас!“

40 Другиот, пак, го прекори и му рече: „Немаш ли малку страхопочит спрема Бога? И ти си осуден со истата казна!

41 Јас и ти сме праведно осудени и го добивме она што го заслуживме, а Тој ништо лошо не сторил!“

42 Потоа Му се обрати на Исуса: “Исусе, спомни си за мене кога ќе дојдеш во Твоето царство!“

43 Исус му одговори: „Ти ветувам дека денес ќе бидеш со Мене во рајот!“

44 Беше околу дванаесет часот, кога наеднаш настапи мрак по целата земја, сe до петнаесет часот.

45 Сонцето потемне, а завесата во храмот се расцепи по средината.

46 Тогаш Исус гласно извика: „Небесен Татко, во Твоите раце Го доверувам Мојот дух!“ Изговарајќи го ова, Тој умре.

47 Кога римскиот офицер виде што се случи, Му оддаде почит на Бог и рече: „Овој човек навистина беше праведник!“

48 Кога и народот што се беше собрал да гледа виде што се случи, секој си замина дома, удирајќи се в гради од жалост.

49 Сите што Го познаваа Исуса, меѓу кои и жените кои Го следеа уште од Галилеја, стоеја подалеку и гледаа.

50 Таму имаше и еден човек, по име Јосиф, кој беше од јудејскиот град Ариматеја и беше член на Врховниот совет. Тој беше добар и праведен човек,

51 и не се сложуваше со овие одлуки и постапки, зашто и самиот го очекуваше Божјото царство.

52 Тој отиде кај Пилат и го побара телото на Исус.

53 Потоа го симна телото од крстот, го завитка во платно и го положи во дотогаш некористена гробница, што беше издлабена во карпите.

54 Тој ден беше петок, а веќе настапуваше саботата.

55 Заедно со Јосиф дојдоа и жените кои одеа со Исус уште од Галилеја и ја видоа гробницата во која беше положено Исусовото тело.

56 Потоа си отидоа дома, да подготват мирисливи масла за премачкување на телото. Во саботата не работеа, согласно со верскиот Закон.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24