29 Исус одговори: „Ве уверувам дека секој што оставил куќа, жена, браќа, родители или деца заради Божјото царство,
30 ќе добие многу повеќе, уште на овој свет, а и вечен живот на идниот свет!“
31 Потоа Исус ги поведе со Себе дванаесеттемина Свои ученици и им рече: „Слушајте! Сега ќе влеземе во Ерусалим, каде што за Синот Човечки ќе се исполни сe што претскажале пророците.
32 Тој ќе им биде предаден на Римјаните кои ќе Го исмеваат, ќе Го навредуваат и ќе Го плукаат,
33 ќе го камшикуваат и ќе Го погубат, но на третиот ден Тој ќе воскресне.“
34 Меѓутоа, учениците не разбраа ништо од ова; овие зборови им звучеа таинствено и им остана нејасно, што сакаше Исус да им каже.
35 Кога Исус се доближи до градот Јерихо, крај патот седеше еден слеп човек и просеше.