17 Му ја подадоа книгата на пророкот Исаија, а Тој ја отвори на местото каде што е напишано следново:
18 „Врз Мене почива Духот на Господ, зашто Тој Ме назначи да им ја донесам Радосната вест на бедните,
19 да им навестам ослободување на заробените, да им го вратам видот на слепите, да ги ослободам угнетените, да го прогласам времето на Господовата лагонаклоност.“
20 Потоа ја затвори книгата, му ја врати на служителот и седна. Погледите на сите присутни во синагогата беа вперени во Него,
21 па Тој им се обрати: „Делот од Светото Писмо што го чувте, се исполни денес.“
22 Тој остави силен впечаток кај сите и тие се восхитуваа на љубезните зборови што излегуваа од Неговата уста, па се прашуваа: „Зар Овој не е синот на Јосиф?“
23 Тој им рече: „Вие сигурно би ми ја цитирале поговорката: ,Докторе, исцели се самиот себе!‘, а потоа би барале од Мене да го направам и овде, каде што пораснав, она што сте слушнале дека го направив во Кафарнаум.