11 Тогаш тие ги извлекоа бротчињата на копното, оставија сe и станаа Исусови следбеници.
12 Еднаш, Исус беше во еден град, кога одненадеж Му пријде еден човек заболен од лепра. Кога Го забележа Исуса, тој падна ничкум пред Него и почна да Го моли: „Господине, ако сакаш, Ти можеш да ме исчистиш!“
13 Исус ја испружи Својата рака и го допре, велејќи: „Сакам! Биди чист!“ И лепрата веднаш исчезна од него.
14 Исус му нареди никому да не кажува, туку да оди право кај свештеникот за да биде прегледан, а потоа да принесе жртва согласно со Мојсеевиот Закон, како сведоштво за другите.
15 Но вестите за Исус сe повеќе се ширеа и многуброен народ доаѓаше да Го слуша и да биде исцелен од своите болести.
16 Тој, пак, честопати се повлекуваше на пусти места, каде што во осаменост се молеше.
17 Еден ден, додека Исус поучуваше, меѓу слушателите седеа и некои фарисеи и вероучители, дојдени од сите градови на Галилеја и на Јудеја, како и од Ерусалим. Силата Господова Го поттикнуваше Исуса да исцелува болни.