Лука 8:19-25 MNT

19 Кај Исус дојдоа мајка Му и Неговите браќа, но од големата толпа народ не можеа да дојдат до Него.

20 Некој Му јави на Исус: „Мајка ти и браќата Твои стојат надвор и сакаат да се видат со Тебе.“

21 А Тој им одговори: „Мојата мајка и Моите браќа се оние што ја слушаат Божјата порака и ја исполнуваат.“

22 Еден ден Исус се качи на бротче, заедно со Своите ученици, на кои им рече: „Да преминеме на другата страна од езерово!“ И испловија.

23 Додека пловеа, Тој заспа. Одеднаш, езерото го зафати силна бура и бротчето беше во опасност да потоне, а нивните животи беа загрозени.

24 Учениците дојдоа кај Исус, Го разбудија, викајќи: „Господару! Господару! Гинеме!“ Исус се разбуди и им заповеда на ветрот и на разбрануваното езеро да се смират. Настапи длабока тишина.

25 Потоа им се обрати на учениците: „Каде ви е верата!?“ А тие, стаписани и зачудени си шепотеа еден на друг: „Кој е Овој човек, што и на ветровите и на брановите им наредува и тие Му се покоруваат!?“