Лука 8:4-10 MNT

4 Околу Исус се насобра многу народ. Кај Него дојдоа жители од сите градови. Тогаш Тој им ја раскажа следнава споредба:

5 „Еден сејач излезе да сее семе. Сеејќи така, дел од семето падна покрај патот, на тврда почва, каде што беше изгазено и исколвано од птиците.

6 Друг дел од семето падна на каменеста почва, но штом про’рти, веднаш се исуши, бидејќи во плитката почва немаше доволно влага.

7 Трет дел од семето падна меѓу трње. Кога пораснаа трњето - ги задушија стебленцата.

8 Конечно, дел од семето падна на плодна почва, изникна и донесе стократен плод.“ По ова, Исус гласно заклучи: „Ако имате уши, слушајте внимателно!“

9 Учениците Го прашаа Исуса за значењето на оваа споредба,

10 а Тој им рече: „Вам ви е дадено да ги запознаете тајните на Божјото царство, а на другите им се кажува преку споредби, за да гледаат, но да не видат, да слушаат, но да не разберат.“