42 Додека момчето приоѓаше, демонскиот дух го кутна наземи и почна да го измачува. Исус со наредба го изгони демонскиот дух и го исцели момчето, па му го врати на таткото.
43 Сите останаа вчудовидени пред Божјата моќна сила. И додека народот сe уште се восхитуваше од она што го правеше Исус, Тој им се обрати на Своите ученици и им рече:
44 „Запомнете ги добро овие зборови: Синот Човечки ќе биде предаден во рацете на луѓето.“
45 Но учениците не ги разбраа овие зборови. За нив ова остана таинствено, а не се осмелуваа да Го прашаат Исуса што значат тие зборови.
46 Меѓу учениците на Исус се разви расправија за тоа, кој од нив е најголем?
47 Исус, познавајќи ги нивните мисли, повика едно дете, го стави крај Себе,
48 и им рече: „Тој што го прима ова дете во Мое име - Мене Ме прима; а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме испрати. Најголем меѓу сите вас е оној што е најпонизен!“