1 Отфрлете, пак, од себеси секаква пакост и секаква измама, и лицемерство, и завист, и секакво клеветење,
2 како новородени деца бидете желни за вистинско и духовно млеко, та во него да пораснете за спасение,
3 бидејќи вкусивте дека Господ е добар.
4 Пристапете кон Него, живиот камен, од луѓето отфрлен, но од Бога избран, драгоцен,
5 вие кои како живи камења сте вградени во духовен дом, свештенство свето, за да принесете духовни жртви кои Му се на Бога пријатни преку Исус Христос.
6 Зашто во Писмото стои напишано: „Еве, на Сион поставувам камен темелник, одбран и скапоцен; и кој верува во Него, нема да се посрами!“
7 Вам, пак, кои верувате, Тој ви е чест, а за неверниците – „Каменот што го отфрлија ѕидарите, стана камен темелник“,
8 камен од кој тие се сопнуваат и камен на кој паѓаат, зашто не му се покоруваат на словото; за тоа се тие и одредени.
9 Но вие сте избран род, царско свештенство, свет народ, луѓе придобиени за да ги возвестите совршенствата на Оној Кој ве повикал од темнина во Својата чудесна светлина;
10 вие, кои некогаш не бевте народ, а сега сте народ Божји; кои не бевте помилувани, а сега сте помилувани.
11 Возљубени, ве молам, како придојдени и гости, да се пазите од телесните похоти што војуваат против душата.
12 Однесувајте се достојно меѓу незнабошците, па тие, кога ве напаѓаат како злотворци, штом ќе ги видат вашите добри дела, да Го прослават Бога во денот на посетата.
13 И така, покорувајте се на секоја човечка власт, поради Господ: било на цар, како на врховна власт,
14 било на управители на Негови пратеници за да ги казнат злосторниците, а за да ги пофалат добротворците!
15 Зашто, таква е волјата Божја, – со добротворство да го замолкнуваме незнаењето на безумните луѓе,
16 како слободни, а не како такви што ја употребуваат слободата како покривка за вршење зло, туку – како слуги Божји.
17 Почитувајте го секого, браќата сакајте ги, имајте страхопочит кон Бога, царот почитувајте го!
18 Слуги, покорувајте им се на господарите свои, не само на добрите и кротките, туку и на лошите!
19 Зашто, тоа ви оди во прилог, ако некој, од сознание за Бога, поднесува скрб, страдајќи несправедливо.
20 Зашто, каква е пофалбата, ако трпите кога ве тепаат поради престапи? Но, ако трпите кога правите добро и страдате, тоа Му е угодно на Бога.
21 Бидејќи вие сте за тоа повикани, зашто и Христос пострада за вас, оставајќи ни пример за да врвиме по Неговите стапки:
22 Тој не направи грев, ниту, пак, во устата Негова се најде измама;
23 кога на Него хулеа, Тој не им одвраќаше со хули; кога страдаше, не се закануваше, туку се потпираше на Оној Кој праведно суди.
24 Тој сам ги носеше нашите гревови на крстот во телото Свое, та ослободени од гревовите да живееме за правдата: „Преку Неговата рана се исцеливте“.
25 Зашто бевте како овци изгубени, кои немаат пастир, но сега се обративте кон Пастирот и Чуварот на вашите души.