1 Оние, кои се меѓу вас презвитери, ги молам јас, кој и самиот сум свештеник, и сведок на Христовите страдања и соучесник во славата, што ќе се открие:
2 пасете го Божјото стадо, што го имате, надгледувајќи го не присилно, туку драговолно и според Бога; не заради срамна печалба, туку од сѐ срце.
3 И не како да управувате со народот, туку давајќи му пример на стадото.
4 А кога ќе се јави Пастироначалникот, ќе добиете венец на слава што никогаш не свенува.
5 Исто така и вие, помладите, покорувајте им се на презвитерите; а сите, пак, покорувајте се еден на друг и здобијте се со понизност, бидејќи „Бог им се противи на горделивите, а на понизните им дава благодат.“
6 Понизете се под крепката рака Божја, за да ве воздигне кога ќе дојде времето.
7 Сите ваши загрижености префрлете ги врз Него, зашто Тој се грижи за вас.
8 Бидете трезвени, бидете будни, зашто вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да проголта;
9 спротивете му се со тврда вера, знаејќи дека такви страдања ги снаоѓаат и вашите браќа по светот.
10 А Бог на секоја благодат, Кој ве повика за Својата вечна слава во Исус Христос, Сам, по вашето кратко страдање, да ве усоврши, укрепи и направи непоколебливи.
11 Нему слава и власт во веки веков. Амин!
12 По Силван, нашиот верен брат, како што мислам, ви го напишав ова кратко послание, за да ве утешам и уверам дека ова е вистинската Божја благодат. Останете цврсто во неа!
13 Ве поздравува црквата во Вавилон, избрана заедно со вас, и Марко, синот мој.
14 Поздравете се еден со друг со целив на љубов. Мир на сите вас, што сте во Христос. Амин!