1 Петар, апостол на Исус Христос, до повратниците распрснати по Понт, Галатија, Кападокија, Азија и Витанија,
2 избрани по предзнаењето на Бог Отецот, и осветени од Духот за послушност и попрскување со крвта на Исус Христос: да ви се умножат благодатта и мирот!
3 Благословен е Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Кој по својата голема милост нѐ прероди преку воскресението на Исус Христос од мртвите за жива надеж,
4 за наследство што не пропаѓа, чисто, кое не свенува, запазено на небесата за вас,
5 кои Божјата сила преку верата ве сочувала за спасение, приготвено да се открие во последното време.
6 Затоа радувајте се, макар што можеби сега ќе треба малку и да тагувате поради разновидни искушенија,
7 та вашата вера испитана да излезе подрагоцена од нетрајното злато, кое сепак се испробува преку оган, за пофалба и чест и слава, кога ќе се појави Исус Христос,
8 Кого Го сакате, иако не сте Го виделе, и во Кого верувајќи сега, а не гледајќи Го, се радувате со неискажлива и славна радост,
9 примајќи ја крајната цел на вашата вера – спасението на душите.
10 Тоа спасение го бараа и испитуваа пророците што прорекоа за вашата благодат.
11 Откако испитаа, во кое или какво време им јавуваше Духот Христов однапред, Кој беше во нив, сведочејќи за Христовите страдања и славата која иде по нив;
12 ним им беше откриено дека тие не за самите себе служат, туку за вас со она што ви се јави сега вам преку оние кои го проповедаа Евангелието од небото преку Светиот Дух, и во кое копнеат да ѕирнат ангелите.
13 Поради тоа, возљубени, препашете ги колковите на умот свој, бидете бодри и имајте селосна надеж дека ќе ви се принесе благодатта при јавувањето на Исус Христос.
14 Како послушни чеда, не постапувајте веќе според поранешните ваши похоти, кога бевте во незнаење.
15 Но, по примерот на Светиот, Кој ве повика, и вие самите бидете свети во сите ваши постапки.
16 Зашто напишано е: „Бидете свети, бидејќи Јас сум свет.“
17 Ако Го нарекувате Отец Оној, Кој непристрасно секому му суди според делата, тогаш поминувајте го времето на својот живот во страхопочит,
18 знаејќи дека со пропадливо сребро или злато не сте искупени од суетниот живот, кој ви се предаде од татковците ваши,
19 туку со скапоцената крв на непорочното и чисто Јагне – Христос,
20 Кој беше предназначен уште пред создавањето на светот, а се јави во последно време заради вас,
21 кои преку Него поверувавте во Бога, Кој Го воскресна од мртвите и Му даде слава, та верата ваша и надежта да ви бидат во Бога.
22 Откако ги очистивте душите свои со послушност кон вистината преку Духот, за нелицемерно братољубие, сакајте се еден со друг постојано со чисто срце,
23 како преродени не од распадливо семе, туку од вечно преку словото на живиот Бог, Кој живее во сите векови.
24 Зашто телото е како трева, и секоја човечка слава – како цвет од трева: се исушува тревата, и цветот нејзин паѓа;
25 но словото Господово останува засекогаш. А тоа слово е Евангелието што ви беше објавено.