1 Павле, Силван и Тимотеј до срквата на Солуњаните во Бог Отецот наш и Господ Исус Христос:
2 благодат вам и мир од Бог Отецот наш и Господ Исус Христос!
3 Должни сме секогаш да Му благодариме на Бога за вас, браќа, онака како што прилега, затоа што верата ваша необично многу расте, и заемната љубов кај сите вас изобилува,
4 така што ние самите се фалиме со вас во Божјите цркви за вашето трпение и вера и покрај сите прогони и маки, што ги поднесувате:
5 тоа е доказ за праведниот Божји суд дека вие ќе се удостоите со царството Божјо за кое страдате.
6 Бидејќи справедливо е пред Бога да им ги врати маките ваши на оние што ве мачеа,
7 а вам, на мачените, да ви возврати спокојство заедно со нас, кога Господ Исус ќе се јави од небото со ангелите на Својата сила,
8 во распламнат оган да им се одмаздува на оние кои не Го познаваат Бога, кои не го послушаа Евангелието на нашиот Господ Исус Христос.
9 Тие со вечна погибел ќе бидат казнети далеку од лицето на Господ и од славата на Неговата моќ,
10 кога ќе дојде Тој за да биде прославен во оној ден сред Своите светии, и да Му се восхитуваат сите оние што поверуваа, а исто така и вие, бидејќи со вера го примивте нашето сведоштво.
11 Затоа и се молиме секогаш за вас да ве удостои нашиот Бог за звањето и да ја исполни со сила секоја желба за добрина и секое дело на верата,
12 та да се прослави во вас името на нашиот Господ Исус Христос, и вие во Него по благодатта на нашиот Бог и на Господ Исус Христос.