1 Солуњаните 5 MK2006D

1 А за времињата и часовите, браќа, нема потреба да ви се пишува,

2 бидејќи вие самите многу добро зна­ете: денот Господов ќе дојде како кра­дец во ноќно време.

3 И додека уште велат: „Мир и безбедност!“, Тогаш ненадејно ќе ги снајде пропаст и не ќе можат да избегнат.

4 Но вие, браќа, не сте во темнина, та денот да може да ве затече како крадец.

5 Бидејќи сите вие сте синови на свет­лината и синови на денот; ние не сме синови на ноќта, ниту на темнината.

6 И така, да не спиеме како и другите, туку да бидеме будни и трезни.

7 Зашто оние што спијат, ноќе спијат, и оние што се опиваат, ноќе се опиваат.

8 Ние, пак, како синови на денот, да бидеме трезни и облечени во оклопот на верата и љубовта и шлемот на на­дежта за спасение,

9 зашто Бог нѐ определи не за гнев, туку да добиеме спасение преку нашиот Господ Исус Христос,

10 Кој умре за нас, та ние да живееме заедно со Него, било кога сме будни, или кога спиеме.

11 Поради тоа утешувајте се меѓу себе и надградувајте се еден со друг онака како што и правите!

Последни препораки и поздрави

12 И ве молам, браќа, да ги уважувате оние што се трудеа меѓу вас, и ве водат во Господ, и оние кои ве утешуваат.

13 И кон нив да имате преголема љу­бов заради нивното дело. Живејте во мир меѓу себе!

14 Браќа, ве молам, поучувајте ги не­уредните, утешувајте ги малодушните, поткрепувајте ги слабите и бидете долготрпеливи кон сите.

15 Гледајте никој никому да не враќа зло за зло; туку секогаш барајте добро еден на друг, и на сите!

16 Радувајте се секогаш!

17 Молете се постојано!

18 Благодарете за сѐ, зашто таква е волјата Божја во Христос Исус спрема вас!

19 Не гаснете Го Духот!

20 Пророштвата не ги омаловажувај­те!

21 Сѐ испитувајте, за доброто држете се!

22 Клонете се од секакво зло!

23 А Сам Бог на мирот да ве освети наполно во сѐ, и целиот ваш дух и ду­шата и телото да се запазат без порок за доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос!

24 Верен е Оној, Кој ве повикува. Тој и ќе го направи тоа.

25 Браќа, молете се за нас!

26 Поздравете ги сите браќа со свет целив!

27 Ве заколнувам во Господ ова пос­ла­ние да им го прочитате на сите свети браќа.

28 Благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со вас. Амин!

поглавја

1 2 3 4 5