1 Дечиња мои, ова ви го пишувам за да не згрешите; и ако некој згреши, имаме Бранител при Таткото: Исуса Христа, Праведникот.
2 Тој е жртва помирница за нашите гревови; не само за нашите, туку и за гревовите на целиот свет.
3 И по тоа знаеме дека сме Го познале, ако ги пазиме Неговите заповеди.
4 Кој вели: „Го познав”, а не ги пази Неговите заповеди, лажец е и вистината не е во него.
5 А кој го пази Неговото слово, во него, навистина, љубовта кон Бога стигнала до совршенство. По тоа знаеме дека сме во Него.
6 Кој вели дека останува во Него, тој треба да оди, како што одеше Тој.
7 Возљубени, не ви пишувам нова заповед, туку старата заповед, што ја примивте од почеток; старата заповед е словото, што сте го чуле.
8 Но сепак ви пишувам нова заповед; - и тоа е вистинско и во Него и во вас - зашто темнината поминува, а вистинската светлина веќе свети.
9 Кој вели дека е во светлината, а го мрази својот брат, тој е досега во темнината.
10 Кој го љуби својот брат останува во светлината и во него нема соблазан.
11 А кој го мрази својот брат во темнината е и во темнината оди, и не знае каде оди, зашто темнината му ги заслепила очите.
12 Ви пишувам, дечиња, зашто ви се простени гревовите, заради Неговото име.
13 Ви пишувам, татковци, зашто Го познавте Оној, Кој е од почетокот; ви пишувам вам, млади, зашто го победивте лукавиот. Ви напишав, дечиња, зашто Го познавте Таткото.
14 Ви напишав, татковци, зашто Го познавте Оној, Кој е од почеток. Ви напишав, млади, зашто сте силни и зашто Божјото слово пребива во вас и зашто го победивте лукавиот.
15 Не сакајте го светот, ниту она што е во светот. Ако некој го сака светот, љубовта од Бога Таткото не е во него,
16 зашто сè што е во светот: - похотта на телото, похотта на очите и гордоста на животот, не е од Таткото, туку од светот.
17 А светот поминува и неговата похот, а кој ја извршува Божјата волја останува довека.
18 Деца, последен час е; и, како што сте чуле дека антихрист иде, така сега се подигнаа многу антихристи; по тоа знаеме дека е последниот час.
19 Од нас излегоа, но не беа од нас, зашто ако беа од нас, ќе останеа со нас, туку требаше да се покаже дека не се сите од нас.
20 А вие имате помазание од Светиот и знаете сè.
21 Не ви пишав како да не ја знаете вистината, туку зашто ја знаете и зашто ниедна лага не е од вистината.
22 Кој е лажецот, ако не оној, кој одречува дека Исус е Христос? Ова е антихрист - кој ги одречува Таткото и Синот.
23 Секој, што Го одречува Синот Го нема ни Таткото; кој Го исповедува Синот, Го има и Таткото.
24 Што чувте од почетокот тоа да остане во вас. Ако остане во вас она што го чувте од почетокот, и вие ќе останете во Синот и Таткото.
25 А ова е ветувањето што Тој ви го вети: вечен живот.
26 Ова ви го пишав заради оние, кои ве заведуваат.
27 А вие, во вас останува помазанието што го примивте од Него и не е потребно некој да ве поучува, туку како што Неговото помазание ве учи за сè, и е вистинско и не е лага, и како што ве научи, така останете во Него.
28 И сега, дечиња, останете во Него, за да имаме смела доверба кога ќе се јави Тој и за да не се засрамиме пред Него, при Неговото доаѓање.
29 Ако знаете дека Тој е праведен, знајте дека секој кој врши правда, е роден од Него.