1 Јован 4 MKB

1 Возљубени, не верувајте му на секој дух, туку испитувајте ги духовите - дали се од Бога, зашто многу лажни пророци излегоа во светот.

2 По ова познавајте го Духот на Бога: секој дух кој исповедува дека Исус Христос дојде во тело, од Бога е;

3 а секој дух кој не исповедува дека Исус Христос дојде во телото, не е од Бога; тоа е духот на антихристот, за кого сте чуле дека иде, и сега е веќе во светот.

4 Вие сте од Бога, дечиња, и вие ги победивте, зашто е поголем Оној, Кој е во вас, отколку оној, кој е во светот.

5 Тие се од светот, затоа зборуваат светски и светот ги слуша.

6 Ние сме од Бога, кој Го познава Бога нè слуша нас; кој не е од Бога не нè слуша нас. По тоа го познаваме духот на вистината и духот на заблудата.

7 Возљубени, да се љубиме еден со друг, зашто љубовта е од Бога и секој кој љуби од Бога е роден и Го познава Бога.

8 А кој не љуби, не Го познава Бога, зашто Бог е љубов.

9 Во тоа ни се откри Божјата љубов, кон нас, што Бог Го испрати во светот Својот Единороден Син за да живееме преку Него.

10 Љубовта е во ова: не дека ние сме Го возљубиле Бога, туку Тој нè возљуби нас и Го испрати Својот Син како жртва помирница за нашите гревови.

11 Возљубени, ако Бог нè возљуби така, и ние треба да се љубиме еден со друг.

12 Бога никој никогаш не Го видел; ако се љубиме еден со друг, Бог останува во нас и Неговата љубов стана совршена во нас.

13 По тоа познаваме дека остануваме во Него и Тој во нас, што ни дал од Својот Дух.

14 И ние гледавме и сведочевме дека Бог Таткото Го испрати Синот како Спасител на светот.

15 Ако некој исповеда дека Исус е Син Божји, Бог останува во него и тој во Бога.

16 И ние ја запознавме и верувавме во љубовта, која Бог ја има кон нас. Бог е љубов: и кој останува во љубовта, останува во Бога и Бог останува во него.

17 Љубовта во нас дојде до совршенство во тоа: ние да имаме смелост во Судниот Ден, зашто каков е Тој, такви сме и ние во светов.

18 Во љубовта нема страв, туку совршената љубов го изгонува стравот; зашто стравот вовлекува казна; а кој се бои, не дошол до совршенство во љубовта.

19 Ние Го љубиме, зашто прво Тој нè возљуби нас.

20 Ако некој рече: „Го љубам Бога”, а го мрази брата си, лажец е; зашто кој не го љуби брата си, кого го видел, не може да Го љуби Бога, Кого не Го видел.

21 И оваа заповед ја имаме од Него: кој Го љуби Бога, да го љуби и својот брат.

поглавја

1 2 3 4 5