1 Јован 5 MKB

1 Секој, кој верува дека Исус е Христос, роден е од Бога; секој, кој го љуби Родителот, го љуби и оној, кој е роден од Него.

2 По тоа познаваме дека ги љубиме Божјите деца: кога Го љубиме Бога и ги пазиме Неговите заповеди.

3 Зашто ова е љубовта Божја: да ги исполнуваме Неговите заповеди; а Неговите заповеди не се тешки,

4 зашто сè што е родено од Бога, го победува светот; и ова е победата која го победи светот: нашата вера.

5 Кој е тој, кој го победува светот, ако не оној, кој верува дека Исус е Божји Син?

6 Тој е Оној Кој дојде преку вода и крв, Исус Христос; не само со водата, туку со водата и со крвта; и Духот е Оној Кој сведочи, зашто Духот е вистината.

7 (Зашто тројца се Кои сведочат во небото: Таткото, Словото и Светиот Дух; и Овие Три се едно).

8 И тројца се Кои сведочат на земјата: Духот и водата и крвта, и овие три се согласни.

9 Ако го примаме сведоштвото на луѓето, Божјото сведоштво е поголемо. А ова е Божјото сведоштво, дека сведочеше за Својот Син.

10 Кој верува во Божјиот Син, го има сведоштвото во себе; кој не Му верува на Бога, Го направил лажец, зашто не поверувал во сведоштвото, кое Бог го сведочел за Својот Син.

11 И ова е сведоштвото: Бог ни даде вечен живот, и тој живот е во Неговиот Син.

12 Кој Го има Синот, има живот; кој Го нема Божјиот Син, нема живот.

13 Ова ви го напишав вам, кои верувате во името на Божјиот Син, за да знаете дека имате вечен живот и да верувате во името на Божјиот Син.

14 И ова е смелоста која ја имаме кон Него: дека нè слуша ако просиме нешто по Неговата волја.

15 И кога знаеме дека нè слуша, што и да Го молиме, знаеме дека ги имаме добиено молбите што ги побаравме од Него.

16 Ако некој го види својот брат да врши грев, што не води кон смрт, нека моли, и ќе му даде живот, имено на оние, кои не вршат грев што води кон смрт. Има грев што води во смрт, за тој грев не велам да моли.

17 Секоја неправда е грев, а има грев што не води во смрт.

18 Знаеме дека ниеден, кој е роден од Бога, не греши, туку родениот од Бога се пази себеси и лукавиот не се допира до него.

19 Знаеме дека ние сме од Бога, а целиот свет е во власта на лукавиот.

20 Исто така, знаеме дека Божјиот Син дојде и ни даде разум, за да Го познаеме Вистинскиот. И ние сме во Вистинскиот, во Неговиот Син Исус Христос. Тој е вистински Бог и вечен живот.

21 Дечиња, пазете се од идолите. Амин!

поглавја

1 2 3 4 5