7 Возљубени, да се љубиме еден со друг, зашто љубовта е од Бога и секој кој љуби од Бога е роден и Го познава Бога.
8 А кој не љуби, не Го познава Бога, зашто Бог е љубов.
9 Во тоа ни се откри Божјата љубов, кон нас, што Бог Го испрати во светот Својот Единороден Син за да живееме преку Него.
10 Љубовта е во ова: не дека ние сме Го возљубиле Бога, туку Тој нè возљуби нас и Го испрати Својот Син како жртва помирница за нашите гревови.
11 Возљубени, ако Бог нè возљуби така, и ние треба да се љубиме еден со друг.
12 Бога никој никогаш не Го видел; ако се љубиме еден со друг, Бог останува во нас и Неговата љубов стана совршена во нас.
13 По тоа познаваме дека остануваме во Него и Тој во нас, што ни дал од Својот Дух.