Евреите 11 MKB

1 А верата е тврда увереност во она на кое се надеваме и убедување за нештата, што не се гледаат.

2 Зашто преку неа старите добија сведоштво.

3 Преку вера разбираме дека вековите се создадени со Божјото слово, така што видливото произлегло од невидливото.

4 Преку вера Авел Му принесе на Бога жртва подобра од Каиновата; преку неа прими сведоштво дека е праведен, зашто Бог посведочи за неговите дарови; и преку вера тој уште зборува, иако е умрен.

5 Преку вера Енох беше пренесен така, да не ја види смртта, и веќе не се најде, зашто Бог го зеде; зашто, пред неговото земање, тој доби сведоштво дека Му угодил на Бога.

6 А без вера не е можно да Му се угоди, зашто кој Му пристапува на Бога треба да верува дека има Бог и дека ги наградува оние кои Го бараат.

7 Преку вера Ное беше известен за она што уште не се гледаше, поттикнат од стравопочитување, приготви ковчег за спасение на својот дом; со неа го осуди светот и стана наследник на праведноста, која е според вера.

8 Преку вера Авраам послуша, кога беше повикан да излезе на местото што требаше да го прими во наследство, и излезе не знаејќи каде оди.

9 Преку вера се насели во земјата на ветувањето, како во туѓа и се настани во шаторите заедно со Исака и Јакова, сонаследници на истото ветување,

10 зашто бараше град со основи, кому Бог му е Градител и Творец.

11 Преку вера и самата Сара доби сила да зачне, во напредната возраст откако Го сметаше за верен Оној, Кој и беше ветил.

12 Затоа од еден и тоа речиси мртов, се намножи многу народ „како небесните ѕвезди и како песокта на морскиот брег, што не може да се изброи.”

13 Сите овие умреа во вера, не добивајќи ги ветувањата, туку само оддалеку ги видоа и ги поздравија, и исповедаа дека се туѓинци и придојденици на земјата.

14 Зашто, кои зборуваат така, покажуваат дека ја бараат родината.

15 И ако при тоа мислеле на онаа, од која излегле, имаа време да се вратат;

16 но сега, копнеат по подобра, односно по небесната. Затоа Бог не се срами од нив, да се нарече нивни Бог, зашто им приготвил град.

17 Преку вера Авраам - кога беше испитуван - го принесе Исака, и тој, кој ги прими ветувањата го принесе својот единороден син.

18 Кому му беше речено: „Во Исака ќе биде наречено твоето Семе.” Тој помислил дека Бог може и од мртвите да воскреснува;

19 затоа го прими и како преобраз на воскресението.

20 Преку вера Исак ги благослови Јакова и Исава, и во однос на идните нешта.

21 Преку вера Јаков, умирајќи, го благослови секој Јосифов син, и Му се поклони на Бог потпирајќи се на врвот од својот стап.

22 Преку вера Јосиф на умирање спомна за излезот на Израелевите синови и даде заповед за своите коски.

23 Преку вера Мојсеј, кога се роди, неговите родители го криеја три месеци, зашто видоа дека детето е убаво и не се уплашија од царевата заповед.

24 Преку вера Мојсеј, кога порасна, одби да го наречуваат син на фараоновата ќерка,

25 и со поголема желба сакаше да страда заедно со Божјиот народ, отколку да се насладува за кратко време на гревот.

26 Зашто хулењето на Христа го сметаше за поголемо богатство од египетските богатства, зашто ја имаше предвид наградата.

27 Преку вера го напушти Египет, не плашејќи се од царевиот гнев, зашто издржа како да Го гледа Невидливиот.

28 Преку вера ја прослави Пасхата и изврши попрскување со крв, за да не го допре оној, кој ги сотруваше првородените.

29 Преку вера поминаа преку Црвеното Море како по суво, а Египтјаните - кога се обидоа, се издавија.

30 Преку вера паднаа ерихонските ѕидови, по седумдневното обиколување околу нив.

31 Преку вера блудницата Раава не загина со непокорните, зашто ги прими согледувачите со мир.

32 И што да речам уште? Зашто нема да имам доволно време кога би почнал да раскажувам за Гедеона, Варака, Самсона, Јефтаја, Давида и Самоила, и за пророците,

33 кои преку вера победија царства, извршија правда, добија ветувања, затворија уста на лавови,

34 ја угаснаа огнената сила, ја избегнаа острицата на мечот, немоќни станаа силни; стануваа силни во бој, ги натераа во бегство туѓите војски.

35 Жени примија свои воскреснати мртви, а други беа мачени и не се избавија, за да добијат подобро воскресение.

36 Други доживеаја подигрувања и удари, а покрај тоа и окови и темница.

37 Беа каменувани, со пила резани на две, на искушенија подложувани, умираа од меч, скитаа во овчи кожи и во козји кожи; во оскуднот, во неволји, во лоши постапувања,

38 оние за кои светот не беше достоен: скитаа по пустините, и по горите, и по пештерите, и по земните јами.

39 И сите тие, иако се посведочени преку верата, не го примија ветувањето,

40 зашто Бог предвиде нешто подобро за нас: тие да не дојдат до совршенството без нас.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13