Евреите 13 MKB

1 Братољубието нека остане!

2 Не го заборавајте гостољубието, зашто некои преку него, без да знаат, примија ангели на гости!

3 Помнете ги затворениците, како да сте оковани со нив; и оние кои страдаат, зашто и самите сте во тело!

4 Сите да го почитуваат бракот, и брачното легло чисто, зашто Бог ќе им суди на блудниците и прељубниците.

5 Нека вашето однесување биде слободно од среброљубие. Бидете задоволни со она, што го имате, зашто Тој рече: „Никогаш нема да те напуштам, ниту ќе те оставам!”

6 Затоа можеме смело да речеме: „Господ ми е помошник, нема да се плашам, што може да ми направи човек?”

7 Помнете ги своите водачи, кои ви го говореа Божјото слово; гледајте на крајот на нивниот начин на живеење, Подражавајте ја нивната вера!

8 Исус Христос е ист вчера, и денес, и довека.

9 Не дозволувајте да ве заведат со разни и туѓи науки, зашто е добро срцето да биде зацврстувано во благодат, а не со јадења, од кои немаа полза оние, кои живееја преку нив!

10 Ние имаме жртвеник, од кого немаат право да јадат служителите на Шаторот

11 Бидејќи телата на животните, чија крв првосвештеникот ја внесува во Светилиштето за гревовите, се изгоруваат надвор од станот,

12 затоа и Исус, за да го освети народот преку Својата крв, пострада надвор од градската порта.

13 И така, да појдеме кон Него, надвор од станот, носејќи ја Неговата мака,

14 зашто тука немаме траен град, туку го бараме идниот.

15 И така, преку Него да Му принесуваме постојано на Бога пофална жртва, односно: плод на усните, кои го исповедуваат Неговото име.

16 А не заборавајте ги: добротворството и делењето со другите, зашто со такви жртви Му се угодува на Бога!

17 Бидете им послушни на вашите водачи и покорувајте им се, зашто тие бдеат над вашите души како оние, кои ќе одговараат за тоа; за да го прават тоа со радост, а не со воздишки, зашто тоа не би било полезно за вас.

18 Молете се за нас, зашто сме уверени дека имаме добра совест, и сакаме да се владееме добро во сè.

19 Уште повеќе ве молам да го правите тоа, за да ви бидам поскоро вратен.

20 А Бог на мирот, Кој преку крвта на вечниот завет Го изведе од мртвите Великиот Пастир на овците, нашиот Господ Исус,

21 да ве усоврши во секое добро за да ја извршувате Неговата волја, вршејќи го во нас она, што е угодно пред Него, преку Исуса Христа, Кому да биде слава во вечни векови. Амин!

22 Ве молам, браќа, да не ви биде тешко да го примите оваа слово на утеха, зашто ви го напишав накратко.

23 Знајте дека нашиот брат Тимотеј е ослободен, ако дојде скоро, со него ќе ве видам.

24 Поздравете ги сите ваши водачи и сите свети. Ве поздравуваат од Италија.

25 Благодатта со сите вас. Амин!

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13