Евреите 7 MKB

1 Зашто овој Мелхиседек, салимски цар, свештеник на Сèвишниот Бог, кој го пресретна Авраама кога се враќаше по победата над царевите, и го благослови;

2 кому Авраам му оддели десеток од сè; чие име прво значи „Цар на правдата”, потоа „Цар на Салим” односно „Цар на мирот”,

3 без татко, без мајка, без родословие, кој немаше ниту почеток на деновите, ниту свршеток на животот, сличен на Божјиот Син, останува вечно свештеник.

4 Гледате ли колку е голем оној кому патријархот Авраам му даде десеток од најдобриот плен!

5 Навистина и оние од Левиевите синови, кои ја примаат свештеничката служба, имаат заповед според Законот да земаат десеток од народот, односно од своите браќа, иако и тие излегоа од Авраамовите бедра.

6 Но оној, кој не произлегол од нив зеде десеток од Авраама и го благослови оној кој ги имаше ветувањата.

7 А и без секаква противречност е дека помалиот е благословен од поголемиот.

8 И така, тука смртни луѓе земаат десеток, а таму Оној, за Кого се сведочи дека живее.

9 И да речам така, Левиј, кој зема десеток, даде десеток преку Авраама,

10 зашто уште беше во бедрото на својот татко, кога Мелхиседек го сретна.

11 И така, ако исполнувањето беше преку левитското свештенство, зашто народот го прими Законот под него, каква потреба би била уште да се издигне друг свештеник по редот Мелхиседеков и да не се наречува по редот Аронов?

12 Зашто, ако се промени свештенството по неопходност станува и промена на Законот.

13 Бидејќи тој, за кого се вели ова му припаѓаше на друго племе, од кое никој не служел при жртвеникот.

14 Зашто е познато дека нашиот Господ произлезе од Јудиното племе, а за свештенство од ова племе Мојсеј ништо не рече.

15 Тоа станува уште појасно ако се воздигне друг свештеник според сличноста на Мелхиседек,

16 кој не станал тоа според закон на телесна заповед, туку според силата на неуништливиот живот.

17 Зашто за него се сведочи: „Ти си свештеник довека по редот Мелхиседеков.”

18 Со тоа се укинува поранешната заповед, заради нејзината слабост и бесполезност -

19 зашто Законот не усовршил ништо, а се воведува подобра надеж, преку која се доближуваме до Бога.

20 Доколку не бива без заклетва, имено другите станаа свештеници без заклетва;

21 а Тој со заклетва преку Оној, Кој Му рече: „Господ се заколна и нема да се покае: Ти си свештеник довека”,

22 дотолку и Исус стана залог на подобар завет.

23 И тие во голем број станаа свештеници зашто смртта ги спречуваше да продолжат,

24 а Тој пак има свештенство, што не може да мине на друг, зашто останува довека.

25 Затоа и може наполно да ги спасува оние, кои преку Него доаѓаат при Бога, зашто секогаш живее, за да посредува за нив.

26 Зашто таков Првосвештеник ни требаше и нам: свет, невин, непорочен, одвоен од грешниците и повозвишен од небесата,

27 Кој нема секојдневна потреба како првосвештениците, да принесува жртва прво за своите гревови, а потоа за гревовите на народот, зашто тоа го направи еднаш за секогаш принесувајќи се Самиот Себе.

28 Зашто, Законот поставува слаби луѓе за големи свештеници, а зборот на заклетвата - дадена после Законот, Синот, Кој е усовршен довека.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13