Евреите 9 MKB

1 Секако, и првиот завет имаше наредби за богослужение и земно светилиште.

2 Зашто беше приготвен првиот дел на Шаторот, во кој беше светилникот и трпезата, и положените лебови, што се вика Светина.

3 А зад втората завеса на Шатарот беше другиот дел, наречен Светина над Светините

4 со златниот жртвеник за кадење и ковчегот на заветот, опкован со злато од сите страни, во кој беше златниот сад со мана и со расцутениот Аронов жезол, и Плочите на заветот,

5 а над него херувимите на славата, кои го засенуваа Поклопецот на Помирувалиштето; а за сè ова сега не може да се зборува подетално.

6 При таквиот распоред, во првиот дел на Шаторот секогаш влегуваат свештениците, кога ја извршуваат својата служба,

7 а во вториот дел, само првосвештеникот еднаш во годината, и тоа не без крв, што ја принесува за своите и за гревовите на народот направени од незнаење.

8 Со тоа Светиот Дух покажува дека патов во Светината над светините уште не е откриен; додека уште постои првиот дел на Шаторот,

9 кој е симболична слика за сегашното време, според која се принесуваат дарови и жртви, кои во однос на совеста не можат да го доведат до совршенство оној, кој Му служи така,

10 зашто се засновуваат само врз јадења и пиења, и разни миења - како прописите за телото наложени до времето на поправањето.

11 А Христос откако се појави како Првосвештеник на идните добра и влезе низ поголем и посовршен Шатор, што не е направен со рака, односно која не е од оваа создавање,

12 влезе еднаш засекогаш во Светината над светините, и тоа не со крвта на јарци и јунци, туку преку Својата крв, и ни прибави вечен откуп.

13 Зашто, ако крвта на јарците и биковите и пепелта од јуница, со која се попрскуваат осквернетите, осветува за чистење на телото,

14 колку ли повеќе крвта на Христа, Кој преку вечниот Дух Му се принесе Сам Себеси на Бога без недостаток, ќе ја очисти нашата совест од мртвите дела, за да Му служиме на живиот Бог.

15 Затоа Тој е Посредник на Новиот завет: за повиканите да го примат ветувањето за вечното наследство, откако смртта зеде место за откуп на престапите направени во првиот завет.

16 Зашто, каде што има завет потребно е да се докаже и смртта на заветувачот.

17 Имено, заветот станува полноважен по смртта, а никогаш не важи додека живее заветувачот.

18 Затоа ни првиот завет не беше утврден без крв.

19 Имено, кога Мојсеј му ја изговори секоја заповед според Законот на целиот народ, зеде крв од јунци и јарци со вода и со црвена волна и со исоп ги попрска: и самиот книжен свиток и целиот народ,

20 велејќи : „Ова е крвта на заветот, што Бог го склучи со вас.”

21 А исто така ги попрска со крвта Шаторот и сите богослужбени садови.

22 И по Законот речиси сè се чисти со крв, и без пролевање на крв нема проштавање.

23 И така, неопходно беше сликите на небесните нешта да се очистат со нив, а самите небесни нешта со жртви подобри од овие.

24 Зашто Христос не влезе во ракотворна Светина, која е образ на вистинската, туку во самото небо, за да се јави сега пред Божјото лице за нас.

25 И не за да се принесе многупати Себеси, како што првосвештеникот влегува во Светината секоја година со туѓа крв;

26 зашто инаку би требало да страда многупати од создавањето на светот. Но сега, кон крајот на вековите, Тој се јави еднаш, за да го отстрани гревот со Својата жртва.

27 И како што на човекот му е определено да умре еднаш, а потоа суд,

28 така и Христос, откако беше принесен еднаш за да ги земе гревовите на мнозина, ќе се јави вторпат без грев, а за спасение на оние кои го очекуваат.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13