1 Цареви 11:21-27 MKB

21 Кога Адад научи во Египет дека Давид почина кај своите татковци, и дека војсководачот Јоав умрел, му рече на фараонот: „Дозволи ми да си отидам во својата земја!”

22 Фараонот му рече: „Што ти недостига кај мене та сакаш да отидеш во својата земја?” А тој му одговори: „Ништо, ама пушти ме да си одам!”

23 Бог го подигна против Соломона противникот Резон, синот Елијадов, кој што избега од својот господар Ададезер, совскиот цар;

24 Резон собра луѓе околу себе и им стана четоводач кога ги убиваше Давид. Резон го зазеде Дамаск, таму се настани и завладеа со Дамаск.

25 Тој беше Израелев противник за време на Соломоновиот живот. Тоа беше зло што го направи Адад: го мразеше Израел и владееше во Сирија.

26 Јеровоам му беше син на Ефремецот Нават, од Сарида, а мајка му беше вдовицата по име Серуја. Тој беше во Соломонова служба и подигна рака против царот.

27 Еве ја причината на неговата побуна. Соломон го градеше Мило за да ги засипе урнатините во градот на Давида, својот татко.