1 Цареви 15 MKB

1 Во осумнаесеттата година на Јеровоамовото царување, синот Наватов, се зацари Авијам во Јудеја.

2 Три години царуваше во Ерусалим; неговата мајка се викаше Мака, а беше Авесаломова ќерка.

3 Тој одеше во сите гревови што неговиот татко ги правеше пред него, и неговото срце не му беше потполно верно на Господа, својот Бог, како срцето на неговиот прататко Давид.

4 Сепак, заради Давида, Господ, неговиот Бог, му даде светилник во Ерусалим, подигнувајќи ги неговите синови по него и запазувајќи го Ерусалим.

5 Зашто Давид правеше сè што беше право во очите на Господа, и за време на сиот свој живот не отстапи од ништо што му беше заповедано, освен она што му го направи на Хетеецот Уриј.

6 А војна беше меѓу Ровоам и Јеровоам сиот негов век.

7 Другата Авијамова повест, сè што направил, зар тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви? А имаше војна меѓу Авијам и Јеровоам.

8 Потоа Авијам почина со своите татковци. Го погребаа во Давидовиот Град; на негово место се зацари син му Аса.

9 Во дваесеттата година на Јеровоамовото царување над Израел, Аса стана цар над Јудеја.

10 Царуваше четириесет и една година во Ерусалим; неговата баба се викаше Мака, а беше Авесаломова ќерка.

11 Аса правеше што е право во очите на Гопода, како и неговиот прататко Давид.

12 Ги протера од земјата „посветените блудници” и ги отстрани сите кипови што ги беа направиле неговите татковци,

13 самиот ја отстрани својата баба Мака да не биде царица, зашто и беше направила гад на Ашера. Аса го исече нејзиниот гад и го спали во потокот Кедрон.

14 Ама високите места не беа уништени; сепак Асиното срце Му беше приврзано на Господа за време на сиот негов живот.

15 Ги внесе во Господовиот Дом посветените дарови на татка си и своите: сребро, злато и садови.

16 Имаше војна меѓу Аса и Васа, израелскиот цар, во сите нивни денови.

17 Израелскиот цар Васа нападна на Јудеја и почна да ја утврдува Рама, за да му го спречи секое движење на јудејскиот цар Аса.

18 Тогаш Аса зеде сребро и злато, што останало во ризницата на Господовиот Дом и во ризницата на царскиот дворец, и им го даде на своите слуги та ги испрати кај Вен-Адад, синот Тамримов, синот Есионов, арамејски цар, кој престолуваше во Дамаск, и му порача:

19 ”Нека биде сојуз меѓу мене и тебе, како што беше меѓу мојот и твојот татко; еве, ти праќам дар - сребро и злато: ајде, раскини го сојузот со израелскиот цар Васа, за да отиде од мене.”

20 Вен-Адад го послуша царот Аса и ги испрати своите војсководачи против израелските градови, та тие ги покорија Ијон, Дан, Авел-Вет-Мака, сиот Хинерот и сета Нефталимова Земја.

21 А кога Васа научи за тоа, прекрати да ја утврдува Рама, и се врати во Терса.

22 Царот Аса ги повика сите Јудејци, без исклучок, и тие ги однесоа камењата и дрвото со кои Васа ја утврдуваше Рама, и царот Аса ги утврди со тоа Венијаминовата Гева и Миспа.

23 Другата Асина повест, сите негови победи, и сè што направи, и градовите што ги утврди, зар тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви? А на старост боледуваше од нозете.

24 Аса почина со своите татковци, и беше погребан со своите татковци во градот на Давида, својот прататко. Неговиот син Јосафат се зацари место него.

25 Надав, синот Јеровоамов, стана цар на Израел, во втората година на Асиното царување со Јудеја, и владееше со Израел две години.

26 Правеше зло во очите на Господа. Одеше по патот на својот татко и го поддржуваше неговиот грев на кој го наведуваше Израел.

27 Васа, синот Ахиин, од Исахаровиот дом, се побуни против него и го уби во Гиветон, кој им припаѓаше на Филистејците, и што Надав и сиот Израел го опсадија.

28 Васа го уби во третата година на Асиното царување со Јудеја, и завладеа место него.

29 Кога стана цар, ја погуби сета Јеровоамова куќа и не поштеди никого од Јеровоамовите додека не ги истреби сите според словото што Господ го кажа преку својот слуга Ахиј од Сило.

30 Заради гревовите што ги направи и на кои го наведуваше Израел, и за оскрбувањето со кое го разгневил Господа, Израелевиот Бог.

31 Другата Надавова повест, и сè што направил, зар тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви?

32 Меѓу Аса и Израелевиот цар Васа владеше војна во сите нивни денови.

33 Во третата година на Асиното царување со Јудеја, Васа, синот Ахиин, стана цар над сиот Израел во Терса, и владееше дваесет и четири години.

34 Правеше зло во Господовите очи, и одеше по патот на Јеровоам и на неговите гревови со кои ги заведуваше Израелците.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22