1 А некој Божји човек дојде со Божјото слово од Јудеја во Ветил кога Јеровоам стоеше пред жртвеникот за да кади.
2 И по Божја заповед оној извика кон жртвеникот: „Жртвенику, жртвенику! Господ вели вака: ‘Еве ќе се роди во Давидовиот дом син по име Јосиј. Тој ќе ги жртвува на тебе свештениците на високите места, тие кои што кадат врз тебе, и тој ќе гори човечки коски врз тебе!’”
3 И во исто време им даде знак: „Ова е знак дека Господ зборуваше: ете, жртвеникот ќе се распукне и ќе се истури пепелта што е на него.”
4 Кога царот чу што рече Божјиот човек против жртвеникот во Ветил, ја испружи раката оттаму од жртвеникот и рече: „Фатете го!” Но раката што ја испружи кон човекот се исуши, и не можеше да ја врати кон себе.
5 Жртвеникот распукна, и пепелта се истури од жртвеникот, според знакот што го даде Божјиот човек по Господова наредба.
6 Царот проговори и му рече на Божјиот човек: „Помоли Го Господа, својот Бог, за да можам да ја вратам раката кон себе.” Божјиот човек Го помоли Господа, и царевата рака се врати кон него, и беше како порано.
7 Тогаш царот му рече на Божјиот човек: „Дојди со мене дома за да се поткрепиш. И ќе ти дадам подарок.”
8 Но Божјиот човек му одговори на царот: „Да ми ја дадеш половината од својата куќа, не би тргнал со тебе. Ни би јадел ни би пиел на ова место,
9 зашто вака ми е заповедано од Господовото слово: ‘Не јади леб и не пиј вода, ниту се враќај по истиот пат по кој си дошол.’”
10 И отиде по друг пат, не се врати по патот по кој што дојде во Ветил.
11 А во Ветил живееше стар пророк. Неговите синови дојдоа кај него и му раскажаа сè што сторил оној ден Божјиот човек во Ветил; и зборовите што му ги кажа оној на царот му ги раскажаа синовите на таткото.
12 А тој ги праша: „По кој пат си отиде?” Синовите го покажаа патот по кој што си отиде Божјиот човек, што беше дошол од Јудеја.
13 Тогаш пророкот им рече на синовите: „Насамарете ми го ослето!” И му го насамарија ослето, а тој јавна.
14 Тргна по Божјиот човек и го најде како што седи под даб; и го праша: „Ти ли си Божјиот човек кој дојде од Јудеја?” А тој му одговори: „Јас сум.”
15 Пророкот му рече: „Дојди со мене во мојот дом за да јадеш нешто.”
16 Но тој одговори: „Не смеам да се вратам со тебе, ниту смеам да јадам леб ни да пијам вода на ова место,
17 зашто од Господовото слово ми е наредено ова: ‘Не јади таму леб, не пиј вода, ниту се враќај по патот по кој што си тргнал онаму.’”
18 На тоа оној му рече: „И јас сум пророк како и ти, и ангел ми рече со Господово слово: ‘Поведи го со себе дома за да јаде леб и за да пие вода.’” Со овие зборови го излага.
19 Божјиот човек се врати со него, во неговата куќа јадеше леб и пиеше вода.
20 Додека седеа покрај столот, му дојде Господово слово на пророкот кој го доведе назад,
21 и тој му извика на Божјиот човек кој дојде од Јудеја: „Господ вели вака: ‘Затоа што не ја послуша Господовата заповед и не ја пазеше наредбата што ти ја даде Господ, твојот Бог,
22 туку се врати, јадеше леб и пиеше вода во местото каде што ти реков да не јадеш леб и да не пиеш вода, затоа твоето тело нема да легне во гробот на твоите татковци.’”
23 Откако оној, кој го беше довел, го најаде леб и го напи вода, му го оседла ослето. И оној замина.
24 А на патот лав скочи врз него, и го усмрти. И така мртвото тело лежеше спружено на патот, ослето стоеше покрај него, и лавот стоеше покрај телото.
25 Поминувајќи луѓето ги видоа: мртвото тело спружено на патот, и лавот како што стои покрај него; и отидоа и го јавија тоа во градот, каде што живееше стариот пророк.
26 Кога го чу тоа пророкот, кој го беше вратил оној од патот, рече: „Тоа е Божјиот човек кој не ја запази Господовата заповед! И Господ го предаде на лав, што го нападна и го умртви, според словото што Господ го рече.”
27 И им рече на своите синови: „Насамарете ми го ослето!” И тие му го насамарија.
28 Тој отиде и го најде мртвото тело фрлено на патот, и ослето и лавот каде стојат покрај телото: лавот не го изеде телото ниту го растрга ослето.
29 Тогаш пророкот го подигна мртвото тело на Божјиот човек и го префрли преку ослето; и се врати во градот во кој живееше, за да го пожали и погребе мртвиот.
30 Го стави мртвото тело во својата гробница и плачеше над него: „Ах, брате мој!”
31 А кога го закопа им рече на своите синови: „По мојата смрт погребете ме во истата гробница каде е погребан Божјиот човек; ставете ги моите коски покрај неговите.
32 Зашто бездруго ќе се исполни словото што по Господова заповед го објави за жртвеникот во Ветил и за сите идолопоклонички куќи на високите места во градовите на Самарија.”
33 Ни по овој настан Јеровоам не се одврати од својот лош пат, туку и натаму поставуваше прости луѓе за свештеници на високите места: кој сакаше, му даваше подароци за да стане свештеник на високите места.
34 Со таквата постапка паѓаше во грев Јеровоамовата куќа, се рушеше и ја снемуваше од лицето на земјата.