1 По тие настани се случи ова: Езраелецот Навутеј имаше лозје во Езраел покрај дворецот на Ахава, самарискиот цар,
2 и Ахав му рече на Навутеја: „Отстапи ми го своето лозје, да ми биде зеленчукова градина, зашто е близу до мојата куќа. Јас ќе ти дадам за него подобро лозје, или, ако го сакаш тоа, ќе ти дадам сребреници колку што чини.”
3 Но Навутеј му рече на Ахава: „Господ да ме запази од тоа да ти го отстапам наследството на своите татковци!”
4 Ахав се врати дома гневен и лут заради зборовите што му ги рече Езраелецот Навутеј: „Не ти го давам наследството на своите татковци.” Легна на постела и го сврти лицето, и не сакаше да вкуси храна.
5 Му дојде неговата жена Језавела и рече: „Зошто си нерасположен и не се грижиш за храната?”
6 Тој и одговори: „Му зборував на Езраелецот Навутеј и му реков: ‘Отстапи ми го своето лозје за сребреници, или, ако ти е помило, ќе ти дадам друго лозје за него’. Но тој ми рече: ‘Не ти го давам своето лозје.’”
7 Тогаш неговата жена Језавела рече: „Ти си оној кој царува над Израел! Стани и јади, и биди со добра волја. Јас ќе ти го дадам лозјето на Езраелецот Навутеј.”
8 И таа напиша писма во Ахавово име и ги запечати со царскиот печат. Писмата им ги испрати на старешините и главатарите - Навутееви сограѓани.
9 Во тие писма напишала: „Прогласете пост и изведете го Навутеја пред народот.
10 Ставете спроти него двајца никаквеци кои ќе го обвинат: Ги проколнуваше Бога и царот! Тогаш изведете го и каменувајте го за да загине.”
11 И луѓето во Навутеевиот град, старешините и главатарите, направија како што им заповеда Језавела и како што пишуваше во писмата кои им ги упатила.
12 Прогласија пост и го ставија Навутеја на чело на народот.
13 Тогаш дојдоа двајца никаквеци, и го оптужија Навутеј пред народот: „Навутеј ги проколнуваше Бога и царот.” И така го изведоа Навутеј надвор од градот, го опсипаа со камења, и тој загина.
14 Потоа и порачаа на Језавела: „Навутеј е каменуван и умре.”
15 Откако Језавела чу дека Навутеј е каменуван и дека умре, му рече на Ахава: „Стани и земи го лозјето што Езраелецот Навутеј не сакаше да ти го отстапи за сребреници. Навутеј веќе не е жив, тој е мртов.”
16 Кога Ахав научи дека Навутеј е мртов, стана и слезе во лозјето на Езраелецот Навутеј за да го земе во сопственост.
17 Тогаш му беше упатено Господовото слово на Тесвиецот Илија:
18 ”Стани и слези во Самарија, во пресрет на Ахава, израелскиот цар. Ене го во Навутеевото лозје во кое слезе за да го земе во сопственост.
19 Речи му: ‘Господ вели вака: „Уби и присвои?”‘ Затоа Господ вели вака: ‘На местото каде што кучињата ја лижеа Навутеевата крв, кучињата ќе ја лижат и твојата.’”
20 Ахав му рече на Илија: „Ме најде ли, непријателу мој?” Илија одговори: „Те најдов, зашто си се продал да правиш што е зло во очите на Господа.
21 ’Еве, тукушто не навлеков несреќа врз тебе. Ќе го изметам твоето потомство, ќе му ги истребам на Ахава: сè што моча покрај ѕидот, робовите и слободниците во Израел.
22 Ќе направам со твојата куќа како со куќата на Јеровоам, синот Наватов и со куќата на Васа, синот Ахиин, зашто ме расрди и го наведе Израел на грев.’
23 И над Језавела Господ рече: ‘Кучињата ќе ја изедат Језавела во Езраелското Поле.’
24 Кој од Ахавовиот дом ќе умре во градот, кучињата ќе го изедат, а кој ќе умре во полето, ќе го изедат небеските птици.”
25 Навистина, никој не се продаде така како Ахав за да прави што е зло во Господовите очи, зашто го заведуваше неговата жена Језавела.
26 Правеше мошне одвратни дела: одеше по идолите токму како што правеа Аморејците, кои што Господ ги протера пред Израелците.
27 Кога Ахав ги чу тие зборови, ги раскина своите облеки и стави вреќиште на телото; и постеше, и спиеше во вреќиштето и одеше наоколу претпазливо.
28 Тогаш му дојде Господовото слово на Тесвиецот Илија:
29 ”Виде ли како Ахав се понижи пред Мене? Бидејќи така се понижи пред Мене, не ќе го пуштам злото за време на неговиот живот; ќе го пуштам злото во времето на неговиот син врз неговата куќа.”