1 Царот Соломон беше цар над сиот Израел,
2 а еве ги неговите првенци: Азариј, синот Садоков, свештеник;
3 Елиореф и Ахиј, синовите Сисини, летописци; Јосафат, синот Ахилудов, советник;
4 Венаја, синот Јодаев, војсководач; Садок и Авијатар, свештеници;
5 Азариј, синот Натанов, беше над намесниците; Завуд, синот Натанов, царев пријател;
6 Ахисар, управител на дворецот; Елијав, синот Јоевов, заповедник на војската; Адонирам, синот Авдин, настојник над трудбениците.
7 Соломон имаше по сиот Израел дванаесет намесници, кои што ги снабдуваа царот и неговиот дом; секому му доаѓаше ред по еден месец во годината да го подмирува тоа издржување.
8 Еве ги нивните имиња: синот Уров во Ефремовата Гора;
9 синот Декеров во Макаса, во Салвим, во Вет Семес, во Елон до Вет Ханан;
10 синот Еседов, во Арувот; под него беше Сохо и сиот Еферски крај;
11 синот Авинадавов, над сето Дорско Окружје; жена му беше Тафе, Соломонова ќерка,
12 Вана, синот Ахилудов, во Тенахом и во Мегидон, и во сиот Вет Сан, што е покрај Сартана подолу од Езраел, од Вет Сана до Авел Меол, и до преку Јокмеам.
13 синот Геверов во Галадскиот Рамот; негови беа селата на Јаир, синот Манасиев, што се во Галад; го имаше и подрачјето Аргов што лежи во Васан, шеесет тврди градови, опашани со ѕидови и со бронзени лостови;
14 Ахинадав, синот Идов, во Маханаим;
15 Ахимас во Нефталим; и тој се ожени со една Соломонова ќерка - со Васемата.
16 Ванес, синот Хусаев, во Асир и на висорамнините;
17 Јосафат, синот Фаруин, во Исахар;
18 Симеј, синот Илин, во Венијамин;
19 Гевер, синот Уриев во земјата Галад, земјата на Сион, аморејскиот цар, и на Ог, васанскиот цар. Освен тоа беше уште еден намесник во земјата.
20 Јуда и Израел беа многубројни, беа како песок на морскиот брег. Јадеа и пиеја и беа среќни.
21 Соломон ја прошири својата власт над сите царства од Реката сè до Филистејската Земја и до египетската меѓа. Тие го донесуваа својот данок и му служеа на Соломона во сите денови на неговиот живот.
22 Секој ден му требаше на Соломона за храна: триесет кори чисто брашно и шеесет кори обично брашно,
23 десет згоени волови, дваесет волови од пасиште, стотина овци, освен елени, срни, диви кози и згоена живина.
24 Зашто тој владееше над сè одваму Реката - од Тафсе до Газа, над сите цареви отаде Реката (Еуфрат) и имаше мир на сите граници наоколу.
25 Јуда и сиот Израел живееја без страв, секој под својата лоза и под својата смоква, од Дан до Вирсавеа, во текот на сиот Соломонов век.
26 Соломон имаше четириесет илјади коњи за влечење и дванаесет илјади за јавање.
27 Тие намесници се грижеа за снабдување на царот Соломон и на сите што имаа дел на царскиот стол, секој по месец дена; и не дозволуваше ништо да подснема.
28 И јачмен и слама за коњите и за влечниот добиток донесуваа на местото каде што се задржуваше, секој како што ќе му паднеше.
29 Господ му даде на Соломона мудрост и исклучителна разумност, и срце широко како песок на морскиот брег.
30 Соломоновата мудрост беше поголема од мудроста на сите Израелеви синови и од сета мудрост на Египет.
31 Беше помудар од сите луѓе, од Етан Езраит, од Еман, од Халкол и од Дарда, синовите Меолови; името му се расчу меѓу сите народи наоколу.
32 Изрече три илјади мудри изреки, а неговите песни беа илјада и пет.
33 Зборуваше за дрвата: од кедерот што е на Ливан па до ленот што ‘ртее на ѕид; расправаше за животните, за птиците, за лазачите и за рибите.
34 Доаѓаа од сите народи за да ја чујат Соломоновата мудрост, од сите земски цареви, кои што го чуја гласот за неговата мудрост.