6 Царот проговори и му рече на Божјиот човек: „Помоли Го Господа, својот Бог, за да можам да ја вратам раката кон себе.” Божјиот човек Го помоли Господа, и царевата рака се врати кон него, и беше како порано.
7 Тогаш царот му рече на Божјиот човек: „Дојди со мене дома за да се поткрепиш. И ќе ти дадам подарок.”
8 Но Божјиот човек му одговори на царот: „Да ми ја дадеш половината од својата куќа, не би тргнал со тебе. Ни би јадел ни би пиел на ова место,
9 зашто вака ми е заповедано од Господовото слово: ‘Не јади леб и не пиј вода, ниту се враќај по истиот пат по кој си дошол.’”
10 И отиде по друг пат, не се врати по патот по кој што дојде во Ветил.
11 А во Ветил живееше стар пророк. Неговите синови дојдоа кај него и му раскажаа сè што сторил оној ден Божјиот човек во Ветил; и зборовите што му ги кажа оној на царот му ги раскажаа синовите на таткото.
12 А тој ги праша: „По кој пат си отиде?” Синовите го покажаа патот по кој што си отиде Божјиот човек, што беше дошол од Јудеја.